Линкови за пристапност

Тројца починати во Македонија од листерија


Здравствените власти се` уште не го знаат изворот

Тројца починаа во Македонија од бактеријата листерија што во организмот се внесува преку контаминирана храна: месо, преработки од месо, риба, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук.

Вкупно седуммината биле заразени со бактеријата во изминативе 30 дена во земјава, а здравствените власти се` уште не го знаат изворот.

„Сомнителни сме сите. Причинителот го има насекаде, меѓутоа болеста може да ја добијат само оние кои се екстремни возрасти, бремени жени и имуно- компромитирани. Дури и внесена во организмот, листеријата во вообичаени концентрации не може да даде никакви симптоми“, вели претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ, додавајќи дека кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето се манифестира со стомачни проблеми, пролив и покачена температура.

Починатите се на возраст од 72 и 59 години и едно новороденче. Меѓу останатите заболени, уште едно е новороденче - се наоѓа Детската клиника со сепса како последица на бактеријата и е во добра состојба, а еден возрасен се наоѓа во критична состојба со дијагноза менингоенцефалитис. Двајца возрасни веќе се излекувани.

Инфекологот Миленковиќ истакнува дека болеста не се пренесува од човек на човек, освен опцијата од мајка на бебе, како што било случај со починатото новороденче.

Информацијата за смртните случаи и седумтемина заболени доцна синоќа преку соопштение ја објави Министерството за здравство, откако било информирано од Институтот за јавно здравје. Случаите се регистрирани поединечно во текот на јуни, но загриженоста ја зголемиле трите случаи на почетокот на овој месец.

„Во јули во последните денови наеднаш се регистрирани три случаи што создаде кај нас аларм да провериме за што се работи. Листериозата како заболување не е пријавена во Македонија претходните години, а како изолат од храна регистрирана е кај три примероци минатата година и три примероци оваа година, со тоа што годинава имаме пријавено и заболување. Тоа создаде аларм кај нас во Министерството за здравство и во Комисијата за заразни болести, поради што Комисијата неколку дена заседаваше постојано со цел да ја увиди целата состојба и да донесе точни предлог-мерки“, изјави денеска раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска.

Здравствените власти не можат да претпостават дали ќе се зголеми бројот на заразените бидејќи инкубацијата трае 70 дена, а сите досега регистрирани случаи немаат поврзаност меѓу себе. Сите конзумирале секаква храна, од месо, млеко, до овошје и зеленчук. Здравствени лица препорачуваат храната добро термички да се обработува, бидејќи оваа бактерија се уништува на над 70 целзиусови степени, додека овошјето и зелечукот добро да се измијат. Посебно се апелира до постарите лица со намелен имунитет, бремени жени и бебиња, кај коишто оваа бактерија може да предизвика сериозни компликации како сепса, воспаление на мозочна обвивка, воспаление на срцева обвивка и воспаление на зглобови.

Агенцијата за храна и ветеринарство во меѓувреме започна со вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна, сите зелени пазари, земајќи мостри за анализа. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе прави контрола на безбедноста на млекото наменето за доенчињата на одделенијата за неонаталогија и педијатриски одделенија.

Претходно, листериозата како заболување не е регистрирана во Македонија. Лани и годинава е изолирана во по 3 примероци од храна - колбаси и чадено свинско месо.

XS
SM
MD
LG