Линкови за пристапност

Прва национална ЛГБТИ конференција во Македонија


Ова ќе биде можност да се дискутира за подобрување на ситуацијата на ова заедница

„Првата национална ЛГБТИ - конференција која jа организираме на само шест дена пред изборите, има за цел да создаде простор за дебата за ЛГБТИ- прашањата помеѓу претставниците на политичките партии и државните институции, како и да ги претстави изработените предлог -измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, со цел - правно да се признаат и заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, говор на омраза и злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и родов идентитет “, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Антонио Михајлов, лидер на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“.

На денешната национална ЛГБТИ-конференција, дипломати и претставници на политички партии и на институции и граѓански организации, ќе дебатираат за зајакнувањето на политичкиот дијалог за ЛГБТИ во Македонија, низ две сесии: за политичката застапеност на ЛГБТИ и за соработката за заштитата на ЛГБТИ правата и еднаквоста. Организаторите на конференцијата се залагаат за еднаквост на ЛГБТИ-лицата во јавната политичка агенда на македонските партии, не само за време на кампањата за претстојните избори, туку и по нив.

Кампањата „Гласај за еднаквост“ која „Субверзивен фронт“ ја спроведува тековно, има за цел да го охрабри политичкото учество на ЛГБТИ-лицата во Македонија што, меѓу другото, подразбира и зголемен ангажман на политичките партии за ЛГБТИ-прашањата и проблемите. За потребите на кампањата, спроведовме истражување за политичката застапеност на ЛГБТИ-лицата во политичките програми на партиите, преку спроведување на анализа на истите, како и доставување прашалник на македонски и на албански јазик, до сите политички партии. На прашалникот одговорија само пет политички партии: СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица, ни изјави Михајлов.

Според него, од одговорите на партиите може да се извлечат неколку главни заклучоци: „Првиот е дека е многу мала застапеноста на ЛГБТИ-прашањата и проблемите во политичките програми на партиите. Овие прашања се најмногу застапени во програмите на партии со мала политичка моќ и влијание. Ова е резултат на доминантните хетеронормативни и патријархални вредности во македонското општество кои се рефлектираат во практиките на партиите да избегнуваат засилено јавно изјаснување и давање јасна поддршка кон борбата за човекови права и еднаквост на овие лица“.

Михајлов ни изјави дека клучни теми кои политичките партии во Македонија ги адресираат, се однесуваат на темелните права и слободи на ЛГБТИ-лицата: „Правото на еднаков третман и недискриминација, правото на слобода од насилство, правото на живот, слободата на говор и изразување, и слободата на јавно собирање и здружување. Останатите социјални и економски права, како на пример, правото на склучување истополово партнерство, со исклучок во програмата на Либералната партија, не се застапени во партиските програми. Исто така, воопшто не се застапени правата на транс-лицата како на пример, правото на приватност, правното признавање на родот, и правото на пристап до соодветни, но не и задолжителни мерки на здравствена заштита кои ќе го регулираат извршувањето на хируршките интервенции и на медицинските процедури за признавање на родот. Интерсексуалните лица – лица кои се родени со хромозомски, хормонски или генитални карактеристики кои не одговараат на зададените бинарни родови стандарди на машки и женски категории, освен во самиот акроним – ЛГБТ(И), никаде не фигурираат во политичката агенда“.

На денешната конференција воведничари ќе бидат амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп и заменик амбасадорот на Република Франција, Доминик Готје, а ќе учествуваат и претставници на шест политички партии: Либералната (единствената партија која, според Михајлов, позитивно одговорила на нивното прашање за застапеноста и на ЛГБТИ-кандидати на листите за претстојните избори), Левица, ДС, ЛДП, ДОМ и СДСМ, како и претставници од Канцеларијата на Народниот правобранител, од Секретаријатот за европски прашања, од Министерството за труд и социјална политика, и од коалицијата „Сите за правично судење“.

Минатиот месец, соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, Михајлов се сретна со специјалниот известувач на Европскиот парламент за Република Македонија, европратеникот Иво Вајгл, со кого разговарале за положбата на ЛГБТИ-лицата во Македонија и за начините како ЕП може да помогне за нејзино подобрување, На разговорот, Михајлов потенцирал дека последните две години, ЛГБТИ-прашањата се лоцирани на маргината на политичкиот дискурс, и дека иако Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ, заштитата и остварувањето на човековите права, универзални за сите граѓани во државата, вклучително и за лезбијките, геј мажите, бисексуалните, транс и интерсексуалните лица во Македонија, се пренебрегнати во политичката дебата.

XS
SM
MD
LG