Линкови за пристапност

Летово ќе се знае дали ќе има обвинение против Трамп за мешање во изборите во Џорџија


Обвинителката во Атланта Фани Вилис, која истражува дали поранешниот претседател Доналд Трамп и неговите сојузници незаконски се мешале во изборите во 2020 година во Џорџија, денес рече дека очекува да ги објави одлуките за обвинение во случајот ова лето и повика на „засилена безбедност“.

Вилис, напиша во писмо до окружниот шериф Пат Лабат дека очекува да ги објави одлуките некаде помеѓу 11 јули и први септември. Таа рече дека сака да му даде време на Лабат да се координира со локалните, државните и федералните агенции да осигураат дека „нашата заедница за спроведување на законот е подготвена да ја заштити јавноста“.

„Разузнавањето покажа дека објавувањето на одлуките во овој случај може да предизвика значајна јавна реакција“, напиша Вилис во писмото, додавајќи дека некои може да вклучуваат „акти на насилство што ќе ја загрозат безбедноста на нашата заедница“.

Како лидери, тие треба да бидат подготвени, напиша таа, додавајќи дека нејзиниот тим ќе биде во контакт за да разговара за аранжманите.

Писмото првпат беше објавено од The Atlanta Journal-Constitution, кој објави дека писма биле испратени и до началникот на полицијата на Атланта и шефот на Агенцијата за итни случаи на округот Атланта-Фултон.

Полицискиот оддел на Атланта го потврди писмото од Вилис и рече дека „ќе продолжи да го следи потенцијалот за немири низ нашиот град“.

„Подготвени сме да одговориме на демонстрациите за да ја осигураме безбедноста на оние во нашите заедници и на оние кои го користат правото на првиот амандман, или да се справиме со нелегалните активности, доколку се појави потреба“, се вели во полициското соопштение.

Вилис истражува дали Трамп и неговите сојузници прекршиле закони додека се обидувале да ја поништат неговата тесна изборна загуба од Џо Бајден во Џорџија.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG