Линкови за пристапност

Летна школа во Охрид за деца на иселеници


За шест дена колку што траеше школата е тешко да се научи македонскиот јазик велат организаторите. 
За шест дена колку што траеше школата е тешко да се научи македонскиот јазик велат организаторите. 

Повеќе од 300 деца минале низ летната школа за која организаторите велат дека е можност за забава, за учење на јазикот и запознавање со историјата и културата на државата од каде потекнуваат нивните родители.

Со македонската химна почнуваше секој час, за триесеттина деца на македонски иселеници во странство, кои беа дел од летната школа по македонски јазик во Охрид. Ги имаше од повеќе држави, дојдени со една единствена цел, да го научат јазикот на нивните родители. Меѓу нив се и дванаест годишната Ивана од Москва и шеснаесет годишниот Александар од Чикаго, САД.

Научив нови зборови, игравме оро, пеевме песни...
Ивана, учесничка од Москва.

„Мајка ми е Македонка, а татко ми е Русин. Тука научив нови зборови, игравме оро, пеевме песни, игравме кошарка, одбојка, фудбал. Се капевме, шетавме во Охрид, многу ни се допадна. Оваа школа многу ми помогна, бидејки зборував лошо, а кога дојдов тука, разговарав со девојчињата, и сега зборувам подобро“, рече Ивана која живее во Москва.

„Живеам во Чикаго шеснаесет години, таму сум роден. Тука дојдов да го извежбам македонскиот јазик. Добив повеќе искуство, ми помогна. Учевме граматика, историја, култура, македонски песни, химната ја научив“, рече Александар Стојковски, кој дојде од Чикаго, САД.

За шест дена колку што траеше школата е тешко да се научи македонскиот јазик велат организаторите.

„Идејата оваа година ми беше за тие шест дена да им се создаде љубов кон она од каде потекнуваат. Не беше идејата да се задржиме само на граматики, на креирање на реченици, беше поентата да се внесе и таа македонска љубов кон Македонија. Да се преточи тоа низ песна, низ ора, текстови, низ лица кои се значајни за нашата историја. Несомнено прво почнувам со македонската химна, Гоце Делчев мора да се спомене, Цар Самоил, сето она што е ова тло“, изјави Даниела Тодосова Јефриќ, предавач на летната школа.

Биљана Костова од Агенцијата за иселеништво додава:

„Преку нивното дружење тука, и преку наставната содржина, успеваат да имаат некакви допирни точки до јазикот и културата, и на тој начин да ја засакаат својата држава и да го учат јазикот во средините каде живеат и работат нивните родители“.

Големо внимание било посветено и на македонската историја и култура.

Самите креваа раце. Презентираа, цртаа...
Даниела Тодосова Јефриќ, предавач на летната школа. 

„Работевме на Ленка од Кочо Рацин. Научија што е разбој, што е тутун, што е монопол. Самите креваа раце. Презентираа, цртаа, какви сè цртежи имаа презентирајќи ја песната Ленка од Кочо Рацин. Овде се забавува, но и се учи, се враќа кон корените и се доаѓа до суштината на тоа што сме, а ние сме Македонци“, вели Тодосова Јефтиќ.

Многу од децата во Охрид дошле со слаб македонски јазик, но си заминале дома со многу подобар говор.

За оние кои преку годината немаат можност да го изучуваат македонскиот јазик во средините каде што живеат, Агенцијата за иселеништво нуди можност за онлајн настава.

„Достапно е на нашата веб-страница. Се одржуваат шест часа во текот на целата недела. Има интерес. Повеќе сме фокусирани на иселеници од Англија, Австрија и Италија, бидејќи тие се дестинации каде што имаме повеќе иселеници. Од Министерството за образование немаме организирана настава за да ги покриеме тие дечиња, да си го чуваат својот мајчин македонски јазик“, вели Костова.

Инаку, летната школа за македонски јазик се одржува од 2008 година и досега поминале повеќе од 300 деца. Покрај учење, има многу дружење, спортски активности, плажа и посета на Охрид и културно историските локалитети во градот.

Деца на иселеници го изучуваат македонскиот јазик
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:24 0:00

XS
SM
MD
LG