Линкови за пристапност

Лекари укажуваат: Малиот процент на вакцинација, ги враќа старите болести


Според податоците на Институтот за јавно здравје било утврдено дека вакцинација за голема кашлица ја прошуштиле 19.302 деца, од нив повеќе од 12.000 се во Скопје
Според податоците на Институтот за јавно здравје било утврдено дека вакцинација за голема кашлица ја прошуштиле 19.302 деца, од нив повеќе од 12.000 се во Скопје

За среќа уште не се јавила детската парализа, која е најстрашна болест од овие од кои се вакцинираме, вели микробиологот, Никола Пановски. За поголем успех треба да има теренска вакцинација, како во поранешна Југославија, кога родителите не биле прашувани, додава епидемиологoт Јованка Коровешоска.

Поради сè уште нискиот процент на вакцинација особено кај помладата популација се враќаат некои од старите болести, кои биле карактеристични за пред шест и седум децении, како што се големата кашлица и малите сипаници, предупредуваат лекарите.

Ако дојде до побрзо ширење на веќе искоренетите болести, штетите ќе бидат многу голем вели лекарот, Никола Пановски.

Одбивањето вакцинација за децата, отвора врата за старите болести
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:49 0:00

„Тоа се случува и за жал факт е. За среќа уште не се јавила детската парализа, која е најстрашна болест од овие од кои се вакцинираме. Едно дете да оболи, тогаш не знам каде ќе се криеме. Тоа не значи дека овие се лесни заболувања, особено црната кашлица и малите сипаници. Пред 70 години кога јас сум се родил имало 2,5 милијарди жители, а сега има 8 милијарди. Што значи дека многу побргу би се ширеле отколку што се ширеле пред вакциналниот период“, вели Пановски.

За среќа уште не се јавила детската парализа, која е најстрашна болест од овие од кои се вакцинираме. Едно дете да оболи, тогаш не знам каде ќе се криеме
Никола Пановски, микробиолог

Јованка Коровешоска од Центарот за јавно здравје во Охрид вели дека е потврдено оти вакцинацијата е најдобар начин за заштита од заразните заболувања.

„Младите родители се повеќе избегнуваат да ги носат децата на имунизација. Не само за мрп, морбили, односно рубеола, паротит, што често ја поврзуваат со аутизам, меѓутоа избегнуваат и од другите вакцини. Немаат верба во ефикасноста на вакцината и во нивниот квалитет. Јас долги години работам во превентива и можам да кажам дека последните години од осамостојувањето на Македонија многу поголема грижа се води за ладниот ланец и начинот на чување од транспорт до аплицирање на вакцината отколку тоа што било во Југославија“, објаснува Јованка Коровешоска.

Голема штета направи и ковид пандемијата. Тоа придонесе за недоверба кај луѓето додава Пановски.

Според лекарите, антиваксерството зема замав
Според лекарите, антиваксерството зема замав

„Има движење на анти-ваксери кои сметаат дека некои од вакцините не треба да се примаат. Бидејќи за разлика од минатиот век, болестите сега не се јавуваат толку често, не заради вакцините, туку дека луѓето се социјално на повисоко ниво, ги мијат рацете, се хранат подобро што е заблуда. Од вакцините кои се во редовна програма кај нас, единствено може да се откажеме од вакцината за туберколоза- бсж, бидејќи во поголемиот дел од Европа се откажани“, објаснува Пановски.

Последните години многу поголема грижа се води за ладниот ланец и начинот на чување од транспорт до аплицирање на вакцината отколку тоа што било во Југославија
Јованка Коровешоска, епидемиолог

За поголем успех треба да има теренска вакцинација, како во поранешна Југославија, кога родителите не биле прашувани дали ќе дозволат или не нивното дете да биде вакцинирано, вели Коровешоска.

„И затоа сметам дека бидејќи е задолжителна и законска обврска е на родителот да дозволи да биде вакцинирано не треба родителите да бидат прашани. Порано кампањска и теренска вакцинација имаше. Се одеше во училиштата се вакцинираа и мислам дека имаше поголем ефект. Ако немаше таква теренска вакцинација немаше толку брзо да успеат да ја сузбијат вариола вера епидемијата, која се јави локално но цела Југославија беше вакцинирана и не успеа да се прошири“, укажува Коровешоска.

Добро е велат лекарите да се пристапи кон едукација на родители и со факти да се зборува за квалитетот на вакцините. По масовната појава на т.н. голема кашлица, се зголемува интересот и за вакцинација. Според податоците на Институтот за јавно здравје било утврдено дека пропуштени за вакцинација само за голема кашлица биле 19.302 деца, од нив повеќе од 12.000 се во Скопје. По нејзиното ширење се вакцинирале 5.763. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле првва ревакцина.

XS
SM
MD
LG