„Ние ќе спречиме миграција ако им дадеме на луѓето работа и можност да се едуцираат. Тоа е она што ги држи луѓето да одат напред и да имаат работа и да преживеат. Ние имаме паметни луѓе, нашите факултети не се лоши, не се на Шангајска листа, но на нашите студенти не им е проблем да ги нострифицираат дипломите и да отидат во странство“, вели Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора.
Македонските лекари ги полнат странските болници и се почитувани и барани а, дел од нив раководат и со цели оддели. Наспроти тоа, болниците особено во внатрешноста на државата остануваат без лекари. Има болници кои затвараат одделенија, поради недостиг на кадар, како што е Клиничка болница во Битола, која стави клуч на инфективното одделение.
„Согласно официјалните статистики повеќе од 70 отсто на пациентите се лекуваат во државните болници во Скопје. Извадивме податоци за матични лекари и тоа 232 матични лекари со над 60 годишна возраст, што значи дека скоро ќе нема матични“, додава Гривчева Старделова.
И, според претседателот на македонското лекарско друштво, Горан Димитров од Северна Македонија на годишно ниво си заминуваат меѓу 200 и 250 лекари од јавното здравство.
„Се поголем е бројот за заминување на медицински сестри од Македонија. Податоци имаме дека околу 12 сестри месечно си заминуваат од Македонија. Бараат препораки од здруженија и од болниците за заминување во Европа. Најчесто тоа е Германија, Швајцарија, а веќе и во Хрватска имаме доста заминато колешки“, вели Јулијана Казанџиска, претседателка на здружението на медицински сестри на анестезија и реанимација.
Загрижува податокот дека покрај младите заминуваат и сестри во поодминати години, со повеќе од 20 години работен стаж. Само лани си заминале повеќе од 1.500 медицински сестри велат од првото македонско здружение на медицински сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега.
„Ние сме здружение за да пружиме едукација и искуство на сестрите за да останат во Македонија. Нашата желба е да останат тука да работиме, бидејќи имаме навистина добри кадри, сестри со искуство и високо образование“, додава Казанџиска.
Причината за нивното заминување велат од здружението се ниските плати, како и преголемиот обем на работа.
Здравствените работници во понеделникот излегоа на протести пред Министерството за здравство, каде од идната влада, побараа итна корекција на платите.
„Платите не стигнуваат до никаде. Ако на некој не му стигнува 4000 евра за еден месец замислете колку се 40.000 денари за цело семејство за еден месец. Одливот на кадар е огромен, и нормално е да има со тие минимални плати”, вели Даница Стојкова, медицинска сестра во Клиника за гинекологија.
„Треба во здравствениот систем да се направи еден рестарт, да се рестартира за да барем некои проблеми се решат. Каде и да се свртиме имаме дефицит на кадар. И, да сакаме да послужиме пациент или да дојдеме до некоја дијагностика не можеме да дојдеме поради тој дефицит“, рече Виолета Мицкоска, матичен лекар во Охрид.
Освен повисоки плати, потребни се и подобри услови за работа и специјализација, намалување на годините потребни за тоа, можности за брзо вработување на младите кадри. Тоа ќе помогне лекарите да се одлучат да останат дома, наместо да заминат во Западна Европа.