Линкови за пристапност

Леб по стара или пониска цена ретко се наоѓа


Некои сопственици на пекарници сметаат дека цената на лебот, според трошоците, треба да изнесува едно евро
Некои сопственици на пекарници сметаат дека цената на лебот, според трошоците, треба да изнесува едно евро

Во пекарницата на семејството Красничи во Охрид се продава леб по стара цена. Но, некои други сопственици на пекари велат дека реалната цена на лебот треба да биде едно евро

Во пекараницата на семејството Красничи се произведува леб од утро до мрак. Пред една година од косовскиот град Ѓаковица се преселиле во Охрид, каде пекарството им станува семеен бизнис.

И покрај економската криза, и драстичниот пораст на суровините за работа, не се откажал. Дури и во време кога цената на лебот се зголеми и за 40%, кај нив таа остана речиси иста.

„Јас само овде продавам леб, малку, малку но само овде. Ова ми е фамилијарен бизнис. Трошоци други немам да платам за други работници и затоа не ја зголемив цената“, вели сопственикот на пекарницата, Дане Красничи.

Во моментот плаќаат индустриска струја, што за малите бизниси е голем проблем.

„Тешко е. Јас како што пресметувам, една плата ми оди на трошоци, но не ја кревам цената на лебот. Не е само цената да оди нагоре. После народот што. Треба и народот да биде задоволен. Колку е цената кај вас на лебот? Триесет и пет денари“, вели Красничи.

Сопствениците на поголемите пекари пак велат дека ниту сегашната цена на лебот не е реална.

„Ние сакавме да ја зголемиме цената, а не да ја намалиме. Реалната цена на лебот што го произведувам јас во моментот треба да биде едно евро. Калкулацијата таква ни излегува. Ние моментално работиме со загуба не со добивка. Ние во овој момент не сакаме да профитираме, ние гледаме дека нашиот народ е сиромашен. Но добивката на лебот во моментот е колку да се преживее“, вели Љупчо Настоски, сопственик на пекарница.

Настоски вели дека со ваква криза во работењето досега не се соочиле.

„Тука голем придонес има набавката на брашно, цените на горивото. Набавката на дрва, чијашто цена е зголемена. Набавната цена на брашното е скапа, нема попусти, немаме намалувања ни од млинарите. Единствено да работиме со загуби или да затвориме“, додава Настоски.

Земјава не располага со доволно пченица за задоволување на домашните потреби, но проблем се и случувањата во Украина.

„За ова најмногу придонесе и војната во Украина. Со тоа што 80% од пченицата се носеше од таму. И тука се соочивме со проблемите и со покачувањето“, додава Настоски.

Велат дека е неопходна помош од државата во вид на субвенции по произведен леб. Во моментот цената на лебот и понатаму е висока и покрај тоа што има благо намалување од само неколку денари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG