Гранатирањето ја натерало Јужна Кореја да ги мобилизира борбените авиони. Тоа предизвикало најголемо ниво на готовност во мирнодопско време, испраќајќи ги владините лидери во подземни воени простории за разговори при вонредна состојба.
Јужнокорејската влада актот го нарекува јасна армиска провокација што не може да биде пардонирана.
Претседателскиот прес секретар Хонг Санг-пјо вели дека Пјонгјанг мора да ја прифати одговорноста.
Тој вели дека дополнителни провокации од Северна Кореја ќе ја натераат армијата на Јужна Кореја да се одмазди со употреба на сила.
Армискиот генерал Ли Хонг-Ки нападот го нарекува нечовечка свирепост и дека гранатирањето јасно го прекршува примирјето на Обединетите нации.
Во Пјонгјанг, вечерните телевизиски вести ја префрлија вината на Јужна Кореја, велејќи дека Северна Кореја употребила артилерија откако неколку пати ја предупредила Јужна Кореја да престане со воените маневри на островот.
САД, што имаат 25 илјади војници во Јужна Кореја, го осудија нападот, велејќи дека Северна Кореја мора да се однесува според примирјето од 1953.
Кина, Русија и Јапонија изразија загриженост и апелираа за смиреност на Корејскиот полуостров.
Јужнокорејската армија вели дека нивните сили испукале 80 гранати откако малиот остров Јеонпјеонг, што е на 12 километри од севернокорејското крајбрежје, бил погоден.
Жителите велат дека имало штета на целиот остров.
Јужнокорејската телевизија покажува видео снимки на пламен и чад над островот.
Јеонпјеонг има околу илјада жители, а некои се засолниле во бункери. Други почнале да го напуштаат островот со чамци.
Поморската граница во близина е предмет на несогласување, а областа била место на судири на вода во 1999 и 2002.
Двете Кореи се технички во војна зашто нивната тригодишна војна завршила со примирје, но не е потпишан мировен договор.