Линкови за пристапност

Конзервативна група ќе потроши 2 милиони долара да ги убеди републиканците да ја поддржат Украина


Нова организација во Вашингтон ќе потроши два милиони долара во рекламна кампања чија цел е да ја поддржи помошта на републиканските законодавци за Украина.

Напорите се започнати пред борбата за трошоците во Конгресот што веројатно ќе го загрози континуираното американско финансирање на војната.

Проектот го предводат републиканската анкетарка Сара Лонгвел и конзервативниот експерт Бил Кристол. Оваа кампања се засилува како што поддршката за континуираната американска помош за Украина се намалува кај сите американски гласачи, но особено кај конзервативните републиканци.

Групата побара видеосведоштва од повеќе од 50 републикански гласачи низ целата земја, во кои тие ги наведуваат нивните причини зошто продолжуваат да ја поддржуваат американската помош за Украина.

Овие видеа ќе се користат во серија реклами насочени кон гласачите на Републиканската партија и законодавците, вклучително и реклами што треба да се емитуваат за време на првата партиска прелиминарна дебата на партијата следната недела.

Џон Конвеј, директорот за стратегија на републиканците за Украина, изјави за Гласот на Америка, дека поддршката за демократијата во странство историски била основна вредност на Републиканската партија и дека целта на групата е да ги прикаже гласовите на гласачите кои сè уште се чувствуваат така.

„Ги креваме гласовите на вистинските републиканци и конзервативци кои сакаат САД да продолжат да се борат за украинската демократија“, рече Конвеј.

„Ќе ги искористиме сведоштвата на овие републиканци и конзервативци за да се спротивставиме на многу од најгласните гласови во Републиканската партија кои се подготвени да дозволат украинската демократија да падне и се подготвени да му угодат на рускиот претседател Владимир Путин, во неговата борба во Украина“.

Конвеј рече дека за време на претстојните преговори за трошоци, неговата група ќе ги таргетира републиканските законодавци во позиција да имаат влијание врз одлуките за помош на Украина.

Сепак, тој рече дека групата, исто така, се обидува да им помагне на републиканските гласачи да видат дека членството во партијата и поддршката за Украина меѓусебно не се исклучуваат.

XS
SM
MD
LG