Претседателот Џо Бајден го потпиша нацрт-законот за трошење од 1,7 трилиони долари, со кој владата на САД ќе продолжи да работи до крајот на фискалната година во септември 2023 година и ќе обезбеди приближно 45 милијарди долари за Украина и сојузниците во НАТО.
Иако поддршката за помошта за Украина во голема мера беше двопартиска, некои републиканци во Претставничкиот дом се спротивставија на трошењето и тврдеа дека парите подобро би биле потрошени за приоритети во САД.
Бајден имаше рок до доцна денес да го потпише законот за да се избегне делумно затворање на владата.
Претставничкиот дом под контрола на демократите го усвои нацрт-законот со 225 наспроти 201 глас, главно по партиска линија, непосредно пред Божиќ. Гласањето во Претставничкиот дом дојде еден ден откако Сенатот, исто така, предводен од демократите, го усвои законот со 68 наспроти 29 гласа, со значително поголема поддршка од републиканците.
Бајден рече дека усвојувањето е доказ дека републиканците и демократите можат да работат заедно.
Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Кевин Мекарти, кој се надева дека ќе стане спикер кога новата седница на Конгресот ќе биде отворена на 3 јануари, за време на дебатата тврдеше дека законот предвидува премногу трошови и прави премалку за да се спречи илегалната имиграција и протокот на фентанил во САД од Мексико.
Републиканците ќе имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом на 3 јануари, а неколку конзервативни членови ветија дека нема да гласаат за Мекарти да стане спикер.
Нацрт-законот за финансирање вклучува приближно 6 проценти зголемување на трошоците за домашни иницијативи, на 772,5 милијарди долари. Трошоците за одбранбени програми ќе се зголемат за околу 10 отсто, односно до 858 милијарди долари.
Извор: Агенција Франс-прес