В сабота се очекува разрешница на ситуацијата во Алијанса за Албанците – една од партиите во владината коалиција. Тогаш ќе се одржи партиското централно собрание – чекор изнуден по очигледниот раскол и поделбата на два табора – едниот што го раководи актуелниот претседател Арбен Таравари и другиот на екс-шефот на Алијанса, Зијадин Села.
И двете групи тврдат дека мнозинството во партијата е на нивна страна и дека противниците делуваат спротивно на статуот на Алијансата. Но, пресметката не остана само на политичкиот терен – неиспукан куршум, како заканувачка порака, се најде пред домот на Таравари. Вчеравечер тоа испровоцира собир за поддршка на актуелниот лидер во Гостивар.
„Пред неколку дена се случи како партиски лидер да имам право да го изразам слободното мислење, да кажам што мислам дека е најдобро за Алијансата на Албанците да го врати кредибилитетот на партијата и наидов во многу голема нервоза кај некои од членовите на Алијансата за Албанците, кои се главно функционери на Алијансата за Албанците, за кои не знам зошто толку се зближија со ДУИ и по секоја цена се обидуваат да ја задржат ДУИ на власт. Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата, тоа го чувствувам секој ден преку разговор со шефовите на ограноците...“, порача Таравари во Гостивар.
А кавгата започна околу неговата најава, испратена преку социјалните медиуми, дека на претстојните избори Алијанса ќе оди заедно со опозициските партии на Албанците – Демократското движење, Алетрантива и Беса, чекор кој не наиде на одобрување на дел од раководството предводено од Села.
„Алијанса не се продава, не е на пазар“, вели Зијадин Села, претседател на ЦО.
Дел од партиите кои, заедно со Алијанса, се дел од владата очекуваат во претсојните избори оваа партија да го задржи сегашниот курс.
„Јас кажав уште пред година и половина дека на изборите во 2024 година ќе имаме два блока на политички партии, едниот кој ќе биде за Европски интеграции и другиот кој што ќе биде за изолација, едниот блок кој што ќе биде за Северна Македонија членка на ЕУ, дел од Западна Европа, и Северна Македонија вториот блок со некаква алтернатива нејасна, необјаснета од никого која што ќе гледа повеќе на Истокот колку на Западот. На Алијанса е да одлучи дали ќе оди на Запад или ќе оди на Исток, дали ќе оди за Европа или ќе оди за некакви недефинирани алтернативи кој што никој не ги објаснил. Сепак е нивна одлука“, вели претседателот на САСМ, Димитар Ковачевски.
В сабота на Централното собрание ќе се бара одговорност од Таравари и од дел од министрите кои застанаа со него поради, како што велат од другиот табор, нивната самостојно донесена одлука. Тоа може да доведе и до разрешување на Таравари од лидерската функција за што е потребно да заседава конгресот на партијата. Паралелно, и Таравари се обидува да ги зацврсти своите позиции. На фејсбук тој објави дека мнозинството членови на Академијата на Алијанса за Албанците, стратешко и советодавно тело на партијата, дало поддршка за него. Кој и колкава поддршка има во партиските органи ќе се види в сабота.