Линкови за пристапност

Кисинџер: Отсуството на соработка во екот на пандемијата може да „го запали цел свет“


Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер стравува од нарушување на демократските системи и унилатерализмот во светот, во кој, како што вели, „следи нагло влошување на економските и социјалните прилики поради КОВИД-19“

Поминаа само три месеци откако поранешниот американски државен секретар и поранешен советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, изјави дека трговските и другите несогласувања меѓу САД и Кина, доколку останат неразрешени, неизбежно водат кон катастрофален исход, дури и со последици потешки од оние после двете светски војни.

Кисинџер ова го изјави во текот на неговата јубилејна 100-та посета на Пекинг, на први декември 2019 година.

Уште поитна порака упати во „Волтстрит Журнал„ во саботата на четврти април 2020 година: „Светот и денешниот поредок би можеле да исчезнат доколку не биде запрена пандемијата на КОВИД-19.“

Притоа, Кисинџер, за глобалната пандемија бара „глобално решение преку глобална соработка“.

„Ниедна држава сама, па ни САД, не може да го отстрани КОВИД-19 исклучиво со сопствени сили“, истакнува Кисинџер.

Тој се залага за три приоритети: меѓународна соработка во доменот на медицинските истражувања и пронаоѓањето на лек за пандемијата, спасување на тешко разнишаната глобална економија и зачувување на меѓународниот либерален поредок.

Кисинџер се повикува на лекциите и резултатите на успешниот Маршалов план за обнова на повоена Европа и сузбивање на комунизмот, како и Проектот Менхетн за производство на нуклеарно оружје во кој учествуваа САД, Британија и Канада (1942-1946).

Лидерите се соочуваат со историски предизвик да управуваат со кризата истовремено градејќи ја иднината. Неуспехот може да го запали светот.
Хенри Кисинџер, поранешен државен секретар на САД


Угледниот американски политичар воедно ги повикува светските демократии да ги штитат принципите на легитимност на власта, без што, вели тој, се заканува „распад на општествениот договор како во одделни држави, така и на меѓународен план.“

„Потребно е сите страни да се воздржат - како во внатрешната политика, така и во меѓународната дипломатија“, вели Кисинџер.

Накратко, Кисинџер стравува од нарушување на демократските системи и унилатерализмот во светот, во кој, како што вели, „следи нагло влошување на економските и социјалните прилики поради КОВИД-19.“

„Живееме во епохален период. Лидерите се соочуваат со историски предизвик да управуваат со кризата истовремено градејќи ја иднината. Неуспехот може да го запали светот“, порачува Кисинџер.

Коментарот на Хенри Кисинџер е објавен еден ден откако група од речиси стотина истакнати американски експерти за надворешна политика, вклучувајќи и поранешни високи претставници на Белата куќа, демократи и републиканци, ја повикаа администрацијата на претседателот Трамп што потесно да соработува со Кина во правец на запирање на коронавирусот.

Меѓу потписниците се и Сузан Рајс и Стивен Хедли, советници за национална безбедност во администрацијата на Барак Обама и Џорџ Буш помладиот.

„Ниеден напор против коронавирусот - било за спасување на американски животи во државата или во борба против болеста во странство - нема да биде успешен без одреден степен на соработка меѓу САД и Кина“, се наведува во писмото објавено во петокот.

Хенри Кисинџер е заслужен за нормализацијата на американско-кинеските односи пред четири децении. За прв пат тајно го посетил Пекинг во 1971 година. Бил, исто така, и гостин на цела генерација кинески претседатели - од Мао Цетунг, Чу Енлај, Денг Саопинг, Џианг Земин, Ху Џинтао, па се до сегашниот претседател Кси Џингпинг. Кинеските медиуми често го споменуваат како најпопуларниот Американец во Кина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG