Украинската војска денес ги отфрли тврдењата на руската војска дека спречила голема украинска офанзива во украинскиот регион Доњецк.
„Немаме такви информации и не коментираме никаков вид на лажни вести“, рече портпаролот на Генералштабот на украинските вооружени сили како одговор на прашање на новинската агенција Ројтерс.
Во твит, советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак предупреди да не им „верувате на руските информации за борбите во Украина“.
„Руските новински извештаи одамна станаа посебен виртуелен метауниверзум“, напиша тој.
Русија денес соопшти дека нејзините сили одбиле голем украински напад во областа Доњецк во јужна Украина.
Руското министерство за одбрана соопшти дека целта на украинската страна била да се обиде да го пробие она што тие го сметаа за најслаба област долж линијата на фронтот, но дека тоа „немало успех“.
Украинскиот напад, соопшти Русија, вклучувал шест механизирани баталјони и два тенковски баталјона.
Доњецк е една од областите окупирани од Русија за кои претседателот Владимир Путин тврдеше дека ги анектирал минатата година, потег што беше отфрлен од меѓународната заедница.
Не беше јасно дали пријавениот украински напад бил дел од долго планираната контраофанзива на Украина за враќање на областите што руските сили ги зазедоа по започнувањето на целосна инвазија на почетокот на минатата година.
Украинската војска за време на дневниот извештај соопшти дека имало 29 борбени судири во регионите Доњецк и Луганск.
Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес