Линкови за пристапност

Кери: сириската влада го извршила хемискиот напад


Државниот секретар Џон Кери
Државниот секретар Џон Кери

Не индицираше каква акција би презел претседателот Обама, но кажа дека САД би донеле сопствена одлука, според свој распоред.

Американските разузнавачки податоци укажуваат дека сириската влада е одговорна за минатонеделниот наводен напад со хемиско оружје, кажа државниот секретар Џон Кери, но не кажа како САД би реагирале.

Кери рече дека доказите, презентирани денеска во верзија на извештај од кој се отстранети строго доверливите делови, покажуваат дека во нападите близу Дамаск загинале над 1.400 Сиријци, од кои најмалку 246 се деца.

Наодите покажуваат дека сириска екипа за хемиско оружје била во областа на нападот три дена пред тој да се случи, наведе Кери. Тој додаде и дека проектилите биле испукани само од области што се под контрола на сирискиот режим, а завршиле само во области под контрола на опозицијата и оние за кои не е сигурно кој ги контролира.

Според Кери, разузнавачкиот извештај вклучува и пресретнати комуникации во кои виш сириски претставник го потврдува нападот со отровен гас.

Дражавниот секретар не индицираше каква акција би презел претседателот Барак Обама, но затоа кажа: „Претседателот Обама ќе обезбеди САД да донесат сопствена одлука, според наш сопствен распоред, базирана врз нашите вредности и интереси. Јас знам дека по деценија на конфликти, Американците се уморни од војна. Верувајте ми, и ја сум, но заморот не не` ослободува од нашата одговорност“.

Кери рече дека историјата остро ќе им суди на САД доколку затворат очи пред нечовечна употреба на оружје за масовно уништување од страна на диктатор. Тој кажа и дека сирискиот претседател Башар ал-Асад е насилник и убиец и го обвини неговиот режим за злосторство против човештвото.

Обама денес се сретна со своите главни советници за национална безбедност за да дискутира за евентуалната реакција на сириската криза, еден ден откако Белата куќа брифираше клучни конгресмени за разузнавачките податоци за нападот извршен во Сирија.
XS
SM
MD
LG