Линкови за пристапност

САД ќе бараат меѓународна коалиција за Сирија


Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел
Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел

И покрај противењето на британските парламентарци на армиска акција, наведува американскиот секретар за одбрана.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел вели дека САД ќе продолжат да бараат меѓународна коалиција да одговори на сириската наводна употреба на хемиско оружје, и покрај противењето на британските парламентарци на армиска акција.

Хегел ова го изјави денеска во Манила, за време на посетата на Филипините, откако долниот дом на британскиот парламент го одби предлогот британските сили да учествуваат во армиската акција. Необврзното гласање претставува неуспех за британскиот премиер Дејвид Камерон, кој пред пратениците изјави дека акцијата би била одговор на воено злосторство, а не обид да се собори сириската влада.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека начинот на кој реагираа британските парламентарци нема да влијае на ставот на неговата земја за Сирија. Во интервјуто за весникот Ле Монд, тој подвлекува дека не заговара меѓународна акција само за да падне владата во Дамаск, туку дека еден хемиски напад не може да мине неказнето.

Шефот за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин коментираше дека „луѓето започнале да ги увидуваат“ опасностите од армиски напад.

Виши претставници на владата на американскиот претседател Барак Обама синоќа информираа конгресни претставници дека нема сомневање дека сириската влада го извршила нападот со хемиско оружје во близина на Дамаск минатата недела, во кој загинаа стотици лица

Обама се` уште размислува како да одговори на ситуацијата. На прв поглед, најверојатната одлука би била армиска акција.

Демократсиот конгресмен Елиот Енгел наведува дека американските власти пресретнале комуникација меѓу виши сириски претставници, како и дека разузнавањето покажува дека Сиријците преместувале материјали наоколу, во подготовка за хемиски напад.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернетс вчера изјави дека покрај посредните докази, САД имаат доверливи податоци што несомнено укажуваат на напад извршен од страна на сириската влада.

Сирија негира дека нападнала со хемиско оружје и ги обвинува бунтовниците дека користат такви средства против сириските војници.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ги повика светските сили да почекаат инспекторите на светската организација да ја завршат својата работа. Тие треба да заминат од Сирија во сабота.

По два дена средби зад затворени врати, петте постојани членки на Советот за безбедност се` уште не најдоа согласност за еветуалната армиска акција. Владата на Обама веќе изјави дека можеби ќе реагира самата против Сирија доколку ОН продолжат со, како што ја нарекуваат американски официјални лица, дипломатската парализа.
XS
SM
MD
LG