Линкови за пристапност

Каја Шукова: Се лажеме ако велиме дека за година-две ќе го намалиме загадувањето на воздухот за 30-40 отсто


Знам дека на никого не му се допаѓа оваа констатација или одговор, но треба време за исполнување на мерките за кои се потребни многу човечки и финансиски ресурси, вели Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање
Знам дека на никого не му се допаѓа оваа констатација или одговор, но треба време за исполнување на мерките за кои се потребни многу човечки и финансиски ресурси, вели Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање

Тоа не го направила ниту една метропола во големината на град Скопје. Знам дека на никого не му се допаѓа оваа констатација, но треба време за исполнување на мерките за кои се потребни многу човечки и финансиски ресурси, вели министерката за животна средина во интервју за Гласот на Америка

Се лажеме ако велиме дека можеме во година, две или три да го намалиме загадувањето на воздухот за 30, 40 или 50 отсто. Тоа не го направила ниту една метропола, во големината, да речеме, на град Скопје.

Тоа е констатацијата на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова со која разговаравме на повеќе теми. За пречистителната станица на отпадни води во Скопје рече дека изградбата би почнала годинава.

Шукова додаде и дека противењето на Свети Николе за изградба на регионална централна депонија е решено со одземање на ингеренциите на општината.

Разговаравме и за националните паркови, при што категорично истакна дека повеќе нема да се издаваат дозволи за изградба на мали хидроцентрали на Шар Планина, како и дека ќе нема продолжување на роковите за тие што не почнале со градба.

Во продолжение интервјуто со министерката Шукова:

Интервју со Каја Шукова, министерка за животна средина
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:13 0:00

Глас на Америка: Средствата за пречистителна станица за отпадни води во Скопје се собрани, а изградбата сè уште не почнува. Може ли да се забрза тој процес?

Имаме секојдневна комуникација со Град Скопје и со „Водовод и канализација“. Согласно последните информации, потпишан е договорот за надзор. Очекуваме да се потпише и договорот за градба, со што и официјално ќе може да почнe проектот за изградба на пречистителната станица за Скопје.

Времињата сега се неизвесни, но се надеваме дека ќе опстанеме во рамките на оваа финансиска конструкција и дека успешно ќе го реализираме проектот

Проектот има сериозна финансиска конструкција. Тоа што последно го потпишавме е грант од 70 милиони кои државата де-факто нема да ги враќа, туку ги добива како грант. Паралелено на двата заеми, коишто ги имаме за изградба на станицата, од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој. Со овој грант го заокруживме финансиското портфолио.

Но, знаете, цените се менуваат. Времињата сега се неизвесни, но се надеваме дека ќе опстанеме во рамките на оваа финансиска конструкција и дека успешно ќе го реализираме проектот.

Битно е дека ќе го започнеме оваа година и во наредните неколку години ќе можеме да кажеме дека градот Скопје ќе има третман на отпадните води. Тоа е многу битно согласно барањата на европските директиви.

Глас на Америка: Планот е комплетното завршување на пречистителната станица да биде до 2045 година. Има ли начин за целиот процес да се забрза?

Заклучно со 2045 година планираме да воведеме терцијарен третман. Заклучно со 2034-2035 година, де-факто, воведуваме примарен третман. Тоа значи дека во рамките на овие средства што ги имаме, ние во наредните години ќе направиме примарна селекција на водите.

Тоа значи дека фактички ќе имаме третман на дел од компонентите коишто вршат загадување на водите. Тоа кон коешто се стремиме е до 2045 година да воведеме и терцијарен третман. Тоа значи, проектот, во оваа фаза, со овие пари нема да се спроведува до ‘45-та, ќе биде многу порано.

Паралелно како што ќе ги спроведуваме обезбедените средства, така ќе работиме на тоа да воведуваме и терцијарен третман. Значи, пречистителната станица нема да се гради 20 години.

Глас на Америка: Тешко тргнува изградбата на регионалните депонии од затворен систем. Кои се причините за застојот, дали се финансиски или можеби политички?

Не би рекла дека причините се политички. Повеќе би рекла дека можеби беше тоа што не почнавме навремено да ја информираме јавноста за тоа што ќе се случува во нивните региони.

Станува збор за современи депонии, коишто ќе бидат по европски стандарди. Нема да имаме загадување какво што има во моментов

Граѓаните се научени на тоа што во моментот го гледаат. Најверојатно голем дел од нив немале можност да ги видат европските системи за управување со отпад, кон кои се стремиме како министерство и како држава.

Тоа првично го имплементираме во Свети Николе, односно во источниот и во североисточниот регион. Централна депонија за тој регион ќе биде во Свети Николе.

Станува збор за современи депонии, коишто ќе бидат по европски стандарди. Нема да имаме загадување какво што има во моментов. Сега имаме собирање, трансферирање и депонирање на отпад, во нестандардни депонии.

Два региона – една централна депонија

Сега се стремиме кон друг систем. Ќе биде регионално управување и ги комбинираме два со два региона, бидејќи сфативме дека така е економски поисплатливо. Не се исплати да правите централна депонија во секој регион. Ќе имаме примарна селекција. Дел од количините на отпад што финално ќе се депонираат ќе се намалат.

Примарната селекција ќе биде заклучно со трансфер станиците. Имате домаќинства, собирање на отпадот, трансфер станици каде што ќе се намали количината на отпад и потоа, тоа што не може да се преработи, ќе оди на централните депонии.

За исток и североисток централната депонија е во Свети Николе. За другите два система коишто ќе ги воведуваме, југозападна и Пелагонија, тие два региона со една централна депонија во Новаци. Принципот ќе биде ист. И, југоисток со Вадар, со централна депонија во близина на постојната депонија во Василево.

Глас на Америка: Но, имаше противење од населението и од општинските власти особено за плановите за централна депонија кај Свети Николе.

Потпишав решение со коешто ги одзедовме ингеренциите на општина Свети Николе. Не е популарно решението. Но, ни беше последен правен лек. Моравме да го направиме тоа.

Потпишав решение со коешто ги одзедовме ингеренциите на општина Свети Николе. Не е популарно решението. Но, ни беше последен правен лек

Сега, делот со ингеренциите на општина Свети Николе го презема државата. Формирано е регионално тело коешто ги опфаќа сите општини, вклучително и Свети Николе. Тие со свои човечки и финансиски ресурси го хранат регионалното тело, коешто утре треба да управува од трансфер станиците, до централната депонија.

Имавме противење. Нема да навлегувам во причините. Решивме дека на оваа држава ѝ треба европски систем за управување со отпад. Сите мерки што можеме да ги преземеме, ќе ги употребиме, вклучително и одземањето на ингеренцијата на Свети Николе, што ја направивме минатата недела.

Глас на Америка: Кога да очекуваме проектот со депониите да се реализира?

Таму веќе работиме. Се реализира од претпристапната помош од Европската унија, од ИПАРД средствата. Во фаза сме на подготовка и се чистат дел од дивите депонии.

Во фаза сме на подготовка на поголеми тендери коишто треба да ги објавиме оваа година, за изградба на претоварните станици и за изградба на санитарната депонија. Таму ќе оди многу побрзо во однос на другите региони.

Глас на Америка: Загадувањето на воздухот е сериозен проблем. Што вие, во рамките на вашиот мандат ќе направите да се реши тој проблем или да почне да се решава?

За жал, анализите покажуваат дека најголемото загадување, процентуално, ни доаѓа од домаќинствата, од користењето на биомасата. Всушност, од користење на дрвата како извор за затоплување.

Неколку аспекти треба да се земат во предвид. Прво, според мене, треба повеќе да се зборува со граѓаните, повеќе да се подигне јавната свест.

Влажните дрва создаваат повеќе ПМ честички

Голем проблем е што се горат дрва коишто не се суви. Кога се горат дрва кои се суви, ПМ честичките се многу помалку и се во границите на дозволеното. Но, кога дрвата се влажни имате зголемени количества на ПМ честичките во воздухот.

Очекуваме дека општините ќе продолжат со поттикнување мерки, па и субвенционирање на дел од граѓаните кои се особено од социјалните категории

Значи, едната компонентата е секако подигнување на јавната свест на сограѓаните. Другото е тоа што реално треба да го направат државата и локалните самоуправи. Ние имаме децентрализиран систем на управување во државата. Тоа значи дека голем дел од ингеренциите ги спуштивме на ниво на општините.

Очекуваме дека општините ќе продолжат со поттикнување мерки, па и субвенционирање на дел од граѓаните кои се особено од социјалните категории. Мораме да бидеме свесни дека имаме повеќе категории на граѓани.

Најголемиот проблем е најчесто со социјалната категорија граѓани, коишто покрај дрвата, за жал, за да се затоплат горат и други материјали, коишто го загадуваат воздухот, како пластика, отпадни масла и слично.

Да се заменат системите за затоплување

Мораме многу да зборуваме и да работиме со граѓаните. И ние, како централна власт и секако и локалните самоуправи. И, да се продолжи со мерките. Можеме малку на повисоко ниво. Да се финансираат мерки за замена на системите за затоплување во јавните објекти. Тука не смееме да застанеме. Мораме да продолжиме.

Во моментот имаме активен проект на светска банка, којшто работи со општините во делот на енергетска ефикасност на општините. Меѓу другото, се работи на заменување на системите на греење.

Државата, до пред некоја година, финансираше вакви програми. Мислам дека треба повторно да се вратиме на таа програма. И повторно, во делот на нашите надлежности ние можеме да интервенираме во објектите коишто се под државата. И, можеме да им помогнеме и на општините.

Меѓутоа, првенствено ние да си ја завршиме нашата задача, а и единиците на локална самоуправа да си ја завршат нивната работа.

Глас на Америка: Би барале ли одговорност од општините доколку не преземаат мерки против загадувањето?

Во законите не се дефинирани такви мерки, ако зборуваме за казнени мерки. Тоа што можеме ние да го направиме, а го правиме изминатите години, им помагаме на општините да направат катастри.

Тоа што државата може да направи е да направи закони и да им помогне на единиците на локалната самоуправа да создадат план за справување со загадувањето

Финансираме од сопствениот буџет. Катастри на загадувачи, за да знаат од каде се изворите на загадувањето и планови како да управуваат со загадувањето на воздухот.

Тоа што државата може да направи е да креира политика, да направи закони, соодветно политиката што ја има и целите. И, да им помогне на единиците на локалната самоуправа во документите коишто им се потребни, за да си ги идентификуваат загадувачите и да направат планови како можат да се справат со загадувањето.

Казнени мерки, јас колку што знам, конкретно во овој дел, не постојат во законската регулатива. Но, не би одела со казнени мерки. Крајна инстанца можеби, некогаш, ако се промени регулативата.

Да тргнеме од себе – воздухот го загадува секој од нас

Меѓутоа мислам дека стварно треба секој од нас да тргне прво од себе, затоа што сите ние го загадуваме воздухот. Не го загадува државата, не го загадуваат општините. Секој од нас граѓаните.

Во делот на индустриските капацитети, пак, да се има повеќе контрола. На оние што се А-интегрирани дозволи или А-инсталации, како што обично ги нарекуваме, да имаме редовна контрола и да си ја вградат сета онаа опрема што е потребна за да се намали загадувањето.

Големиот дел од индустриските капацитети, барем оние поголемите, вградија опрема. Кај нив има видливо подобрување на системите. Но, да речеме, помалите компании, мали и средни претпријатија, и вклучително и домаќинствата, мора да продолжат во таа насока.

Надминување на загадувањето – долг процес

Јас секогаш велам, тоа се долги процеси. Ние се лажеме ако велиме дека можеме во година, две или три да го намалиме загадувањето на воздухот за 30, 40 или 50 отсто. Тоа не го направила ниту една метропола, во големината, да речеме, на град Скопје.

Тоа се процеси што траат подолго. Знам дека на никого не му се допаѓа оваа констатација или одговор, но треба време за да можеме да ги исполниме. Многу мерки и активности се и треба време и многу човечки и финансиски ресурси. И, потребна е волја кај граѓаните.

Шар Планина
Шар Планина

Глас на Америка: Конечно се донесе планот за управување со националниот парк Шар Планина. Дали ќе се отстрануваат малите хидроцентрали што не ги исполниле роковите за изградба или за коишто ќе се докаже дека нанесуваат штета врз тамошната животна средина?

Сè е дефинирано во планот. Како што е утврдено по планот, така и ќе работиме. Тоа значи дека во зоните на одржливо управување, оние мали хидроцентрали коишто со време биле започнати, ќе си завршат. Но, дозволи за нови мали хидроцентрали веќе ќе нема, како што нема да има ниту во другите национални паркови.

Дозволи за нови мали хидроцентрали во национален парк Шар Планина, нема да има. Тие на коишто им се истечени роковите, не можат веќе да градат

Нема повеќе дозволи за мали хидроцентрали во националните паркови

Тоа што го имаме сега, ќе продолжи да работи и ќе треба да се грижи да има биолошки минимум. Да не ги загрозува водните тела коишто се во националните паркови.

Меѓутоа, дозволи за нови мали хидроцентрали во национален парк Шар Планина, нема да има. Тие на коишто им се истечени роковите, не можат веќе да градат. Продолжување на роковите нема да има.

Глас на Америка: Ќе има ли планови за управување со другите национални паркови?

Да, ќе се прави планот за управување и за Маврово. Тоа беше исто така проблем извесен период, но веќе имаме напредок. Другите два парка имаат активни планови. Така, сите четири паркови ќе имаат планови за управување.

Ќе направиме максимален напор, преку министерството, државата да им помогне во тие процеси. Особено во воспоставување еко-системски услуги, преку коишто националните паркови ќе можат да прибираат средства за управување и одржување. Сè помалку да биде сечата. Сечата да остане само во оној дел каде што мора да се направи, за да се одржува еко-системот.

Глас на Америка: Накусо, што би значеле тие еко-системски услуги?

Тоа би значело дека им се даваат услуги на одредени граѓани и правни лица. Да речеме граѓаните сакаат да планинарат, да се качуваат. Правите со нив договор, со што тие ќе плаќаат одреден надоместок заради тоа што ги користат убавините и бенефитите што им ги дава паркот.

Ќе се наплаќа за планинарење, собирање боровинки...

Или, да речеме, сакате да собирате боровинки, шумско овошје. Има повеќе такви услуги. Во зависност од тоа каде се наоѓа паркот, таква услуга може да понуди. Но, да биде еко-услуга.

Треба да знаеме, строгата заштита во парковите е обично мала. Тоа се мери во неколку проценти. Одржливото користење на паркот е поголемиот дел. Но, не значи дека и тие региони нема да се развиваат.

Граѓаните не треба да се грижат. Ако имате национален парк, не значи дека вие таму не можете да продолжите да живеете и да се развивате. Меѓутоа, дајте да го направиме тоа да биде еколошко и да не ја загрозува животната средина, вклучително и заштитеното подрачје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG