За Џои де Франческо, преработката на познатата нумера "Rock With You" на Мајкл Џексон беше само уште еден ден минат во студио. Де Франческо свири џез уште од четиригодишна возраст и навидум, најголемите хитови на Џексон ги преработи со неверојатна леснотија.
Страста за џезот и соул Џои ја наследил од својот татко, познатиот органист од Филаделфија - „Папа“ Џон де Франческо, кој честопати го носел својот син на концертите. По завршувањето на средното училиште Џои започна да оди на турнеи заедно со легендарниот трубач Мајлс Дејвис и познатиот гитарист Џон Меклафлин, по што го потпиша првиот самостоен договор за албум.
Џои на најновиот албум "Never Can Say Goodbye: The Music Of Michael Jackson" настапува со долгогодишните членови на неговата група, Пол Боленбек на гитара и Бајрон Лендхем на тапани.
Надвор од студиото, тие имаат преку 200 настапи годишно. Во декември, тој ќе го придружува саксофонистот Дејвид Санборн на серија концерти во Кина и Јапонија.