Во вторникот наутро јапонскиот премиер Наото Кан се обрати до нацијата преку телевизија, откако беше потврдена експлозија во зградата на третиот реактор во Фукушима.
Поттикнувајќи ја јавноста да не паничи, Кан кажа дека еден од оштетените реактори е во многу поголем ризик да ослободи повисока радијација во атмосферата.
Премиерот побара од оние кои живеат меѓу 20 и 30 километри од централата да останат во затворено. Тие што живеат поблиску, околу 200 илјади луѓе, претходно биле евакуирани.
Откако Кан заврши со изјавата, главниот секретар на кабинетот Јукио Едано се сретна со новинарите. Тој објасни дека радијација откриена во друг оштетен реактор, во објектот Број Три, била на ниво што може да им наштети на луѓето.
Највисоката забележана радијација на централата Фукушима била еднаква на осум пати повеќе од дозата што просечно лице може да ја апсорбира за една година.
Токиската компанија за електрична енергија соопшти дека разладниот систем на реакторот Број Два во комплексот Фукушима потфрлил. Опремата за разладување била оштетена од земјотресот и цунамите од петокот.
Новинската агенција Кјодо цитира официјален претставник на компанијата кој рекол дека е можно некои делови од прачките што содржат нуклеарен материјал да се стопиле. Ако ова биде потврдено, тоа би било нова и поалармирачка грижа за Јапонија.
Домашните новински извештаи на Јапонија велат дека ниски нивоа на радиоактивен јод и цезиум се забележани во областа на градското подрачје на Токио, на околу 250 километри југозападно од префектуурата Фукушима.
Иако властите велат дека нема причина за аларм, постои загриженост дека овие извештаи може да предизвикаат паника, ставајќи дополнителен притисок врз јапонската структура за комуникации и сообраќај, која веќе е ослабена заради големиот земјотрес и цунами.