Додека Турција и Унгарија продолжуваат да ја блокираат апликацијата на Шведска за приклучување кон воената алијанса на НАТО, шведската влада се надева на брза ратификација од двете држави по изборите кои ќе се одржат во Турција на 14 мај.
Шведска, поднесе апликација заедно со Финска за влез во НАТО, на само неколку недели по руската инвазија во Украина во февруари минатата година.
Алијансата ѝ посака добредојде на Финска претходниот месец како 31-ва земја-членка на НАТО, откако турските и унгарските пратеници ја поддржаа ратификацијата во март. За разлика од Финска, апликацијата на Шведска допрва треба да биде одобрена од истите тие две земји-членки на НАТО.
Закон за антитероризам
Анкара ја обвини Шведска дека има засолнето лица за кои Турција ги смета за прокурдски терористи, вклучително и членови на милитантната група ПКК, нешто што Шведска го негира.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека се надева оти претседателските избори следниот месец во Турција би можеле да означат пресвртница.
„Сега ги чекаме турските избори. Мислам дека сите сфаќаат дека има суштинска улога во ова, што се однесува на турската внатрешна политика и тоа е сосема разбирливо, така е во повеќето земји“, рече Кристерсон на прес-конференцијата на 31 март.
Шведска треба да воведе нов антитерористички закон, со кој се надева дека ќе ја убеди Турција да ја одобри нејзината апликација за НАТО. Неодамна турскиот министер за надворешни работи, Мевљуд Чавушоглу, даде одмерен одговор. „Се разбира, тие презедоа некои чекори, но тие не се доволни. Очекуваме дополнителни напори во наредниот период“, рече тој.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази оптимизам дека апликацијата на Шведска ќе биде ратификувана навремено за годишниот самит закажан за 11 и 12 јули во Литванија.
Алпер Чошкун од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, кој беше генерален директор за меѓународни безбедносни прашања во турското МНР за Гласот на Америка изјави дека турското одобрување на апликацијата на Шведска не е загарантирано.
Сепак од турска страна нема гаранции за одобрување на апликацијата на Шведска.
„Повеќе ќе зависи од тоа дали после изборите - без разлика кој ќе победи - турските власти ќе можат да си кажат себеси и на јавноста во целина, дека некои од очекувањата на Турција од Шведска се исполнети во однос на спроведување на самиот тој закон“, изјави тој.
Според него, надворешната политика е на второ место по домашната загриженост за предизборната кампања во Турција – и тоа може да ѝ биде во полза на Шведска во однос на апликацијата за НАТО.
Ратификација се чека и од Унгарија
Во меѓувреме, унгарските пратеници велат дека ја блокираат кандидатурата на Шведска за НАТО поради нејзините неодамнешни критики за демократските акредитиви на нивната држава, дел од долготрајниот спор околу владеењето на правото меѓу Будимпешта и нејзините европски сојузници.
Аналитичарите велат дека одобрувањето на апликацијата на Шведска од страна на Турција најверојатно ќе ја притисне Унгарија да го стори истото, наведувајќи го одобрувањето од Будимпешта за апликацијата на Финска за НАТО, што дојде само неколку дена откако Анкара сигнализираше дека ќе ја ратификува кандидатурата на Хелсинки за приклучување кон алијансата.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, недоамна за Асошиетед прес изјави дека неговата држава заслужува поголема почит.
„Кога финските и шведските политичари ја доведуваат во прашање демократската природа на нашиот политички систем, тоа е навистина неприфатливо... Како што им оддаваме почит на сите држави, очекуваме и почит. И оваа почит навистина не беше дадена“, рече тој.
Сијарто не прецизираше дали Унгарија ќе ја одобри апликацијата на Шведска за НАТО, доколку Турција го стори тоа по изборите на 14 мај.
Дел од информациите се од агенцијата Франц прес и Ројтерс.