Според аналитичарите дипломатската расправија меѓу Италија и Франција во однос на мигрантите кои доаѓаат во Европа најверојатно е само претходник на политичките битки пред изборите за Европскиот парламент.
Париз го повика и на разговор италијанскиот амбасадор откако италијанскиот вицепремиер Луиџи Ди Мајо ја обвини Франција за „осиромашувањето на африканските држави“. "
„Денес се` уште имаме луѓе кои ја напуштаат Африка и тоа е резултат на политиките на неколку европски држави, пред се Франција кои не ставија крај на колонизацијата на Африка“ изјави Ди Мајо.
„Европската унија треба да ги санкционира сите овие држави, како што е Франција кои ги осиромашуваат африканските држави и ги принудуваат луѓето да заминат. Местото на народите од Африка е Африка, а не дното на Средоземното Море“ додавајќи дека ако „Ако сакаме да го стопираме заминувањето на мигрантите, треба да започнеме да го разрешуваме ова прашање и тоа во рамките на Обединетите нации, не само на ниво на Европската унија. Италија мора да биде слушната.“
Ди Мајо вели дека Франција манипулира со економиите на 14 африкански држави кои како валута го користат франкот кој е издаден од Министерството за финансии на Франција и е врзан за еврото.
Аналитичарот Луиџи Сказиери од Центарот за европски реформи вели дека иако во некои африкански држави има незадоволство од користењето на франкот, обвинувањата на Ди Мајо се погрешни.
„Постојат две причини. Едната е дека најновите податоци сугерираат дека мигрантите не се од држави кои го користат франкот. Втората е дека кога земјите се осиромашени, миграцијата од нив всушност е помала“, изјави Сказиери за Гласот на Америка.
Последните податоци од ЕУ покажуваат дека голем број мигранти во Европа доаѓаат од поранешните италијански колонии во Африка, како што се Сомалија, Етиопија и Еритреја.
Спорот на Париз и Рим уследи по давењето на стотици мигранти од Либија во Средоземното море. Овие случаи го обновија фокусот на одлуката на Италија за ставање крај на операциите за барање и спасување и поради неуспехот на Европската унија да се согласи на систем за квоти на бегалци, вели аналитичарот Сказиери.
„Италија сака Франција да ги преземе мигрантите кои пристигнуваат на бреговите на државата или барем дел од нив. Исто така има несогласувања во однос на политиката во Либија. Италија и Франција поддржуваат различни страни во либиската граѓанска војна“ вели тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон не даде директен одговор на италијанските обвинувања. Тој се обиде да го обнови политичкиот импулс на Унијата со новиот француско-германски договор кој неделава беше потпишан во пограничниот град Ахен.
„Евро-скептиците и националистите имаат корист од стравот кај жителите на Европа“ велејќи дека „Одговорот на стравувањата е национализмот. Сепак, ние не веруваме во ова“ рече Макрон.
„Контракцијата е затоа што Италија е популистички настроена, а Макрон е на про-европски позиции. И тоа им одговара на двете страни во смисла едни се за една, други за друга позиција. Се разбира, ова е особено важно во светло на претстојните избори за Европскиот парламент“ вели Сказиери.
Борбените линии се подготвуваат за она што е планирано да биде горчлива изборна кампања, во која се очекува миграцијата да се најде во срцевината на дебатата за иднината на Европа.
Facebook Forum