Линкови за пристапност

ФЕМА: Околу 75 отсто од Флорида без електрична енергија


Од Агенцијата за справување со вонредни ситуации ФЕМА (FEMA), порачаа дека процесот на обнова на сојузната држава ќе биде долг, и ги повикаа жителите да имаат големо трпение

Според властите во Флорида, допрва ќе се утврдува штетата по ураганот Ирма, додека половина од населението во сојузната држава и натаму е без електрична енергија, а патиштата во многу општини се поплавени.

Општината Монро се очекува наскоро да овозможи влез за жителите во најгорниот дел од Флорида Кис, а остатокот од областа останува затворен, главно заради големите штети на главниот автопат. Официјални лица рекоа дека завршиле со инспекции на повеќето од 42-та моста што ги поврзуваат бројните острови во јужна Флорида.

Морнарицата на САД испрати три брода со лекарски и друг персонал, кој ќе помогне во спасувачките напори и обновата.

Гувернерот на Флорида Рик Скот, изјави дека опоравувањето од невремето ќе биде „долг процес“. Тој додаде дека 23.000 електричари од сојузната држава и уште илјадници други, работат на обнова на електричните мрежи, предупредувајќи дека за некои општини ќе бидат потребни недели пред ситуацијата да се нормализира.

Ураганот Ирма досега однесе најмалку пет животи во Флорида, две лица го загубиле животот во Џорџија, а други две во Јужна Каролина. Најмалку 35 лица загинаа од истото невреме на Карибите.

Ирма загуби на сила и во моментов е тропска бура, со силни врнежи од дожд во делови на Северна и Јужна Каролина, Џорџија, Алабама, Мисисипи, Тенеси и Кентаки.

Џексонвил, најнаселениот и најголем град во Флорида, се соочува со најкатастрофалните поплави од 1964-та година, наваму.

Стејт департментот објави дека, иако со ограничени услуги, американските амбасади и конзулати се повторно отворени во Доминиканската Република, Хаити, Бахами и Барбадос.

Енергетската мрежа на американската територија во Порторико била толку многу оштетена, што поправките би можеле да потраат неколку месеци, соопштија властите на островот. Повеќе од еден милион жители се без електрична енергија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG