Македонија со оценка 1,54 спаѓа е во втората категорија земји со неодржлив, мешан медиумски систем. Првата категорија е за земјите со нестабилни и неслободни медиуми, третата за оние со речиси одржливи, а четвртата за оние со одржливи. Друштво на Македонија и` прават Русија, Србија, Украина, Таџикистан, Киргистан, Казахстан, Белорусија и Азербејџан, а полошо стојат Туркменистан и Узбекистан. Подобро, пак, котираат Косово, Моладавија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Ерменија, Албанија и Хрватска.
Делот за Македонија е направен врз основа на панел-дискусија во која учествувале десетина новинари од Македонија. Тој дава песимистичка слика за седмата сила во Македонија.
Мајлс Смит, кој е помошник-главен уредник на извештајот на ИРЕКС, во интервјуто за Гласот на Америка на македонски потенцира дека Македонија во однос на слободата на изразувањето сега е на пониско ниво во споредба со 2001-та, кога ИРЕКС започнал со рангирањето. Најниските оценки се за професионалното известување и менаџментот на медиумите, а тие, пак, се особено ранливи на влијанија поради анемичната економска ситуација
Смит смета дека медиумската ситуација во Македонија треба да оди во обратна насока од постојната.
„Наместо да видиме подобрување во време кога земјата се обидува да се приклучи на ЕУ, гледаме назадување“, вели тој.
Извештајот се базира на тоа како новинарите опфатени со него гледаат на професијата.
„Резултатот за Македонија беше низок и тоа ни покажува песимизам меѓу македонските новинари за состојбата со слободата на медиумите, квалитетот на професијата, квалитетот на продуктот и за бизнис-состојбата во секторот“, наведува Смит.
Според него, словото на законот во Македонија гарантира слобода на изразување, но „кога сме кај спроведувањето на законот, често тој се користи да ги казни оние кои ќе ја пречекорат линијата на некој авторитет, политичар или бизнис- лидер“.
Во извештајот најниските оценки се во категориите професионално новинарство и менаџмент на медиумите.
„Од панелистите слушнавме дека новинарите порано одржувале професионално ниво, биле ретки случаите кога не се залагале и не биле квалификувани или пак не ги следеле стандардите. Според нив, сега само мал број одржуваат прфесионално ниво. Тоа е случај во традиционалните медиуми, додека во новите гледаме плагијаторство и намален уредувачки квалитет. Друга проблематична област е што владата контролира голем дел од пазарот за рекалмирање. Нашите панелисти ни велат дека тоа е 25%, ако не и 50% од пазарот“, констатира Смит.
Објективноста и разновидноста на изворите е рангирана на највисоко ниво, но претставникот на ИРЕКС укажува на некои негативни трендови: „Луѓето ги избираат традиционалните медиуми. Телевизијата доминира над радиото, и, во повеќето случаи, над печатените медиуми. Но, статистиката покажува дека се` повеќе луѓе се вртат кон Интернетот како извор на информации, каде, пак, квалитетот на вестите не е секогаш добар“.
Смит е на мислење дека ниту една политичка фракција во Македонија значително не ја поддржува слободата на медумите, и кога ја има власта, ја користи да ја замолкне критиката преку суптилна злоупотреба на законот. Загрижувачки е што имаме две фракции кои не се заинтересирани за вистински слободни медиуми. Тоа остава впечаток дека само новинарите и мала група од граѓанскиот сетор навистина се залагаат за слободата на говорот, вели Мајлс Смит од ИРЕКС.