Линкови за пристапност

Новинарски организации бараат повлекување на законите за медиуми


Медиумската заедница бара Владата да ги повлече законите затоа што не се опфатени суштинските забелешки од Македонија и од странство

Мнозинското здружение на македонските новинари – ЗНМ, Македонскиот институт за медиуми – МИМ, Самостојниот синдикат на новинари - ССНМ и Центарот за развој на медиуми – ЦРМ, денес едногласно порачаа дека последните измени во двата предлог-закона што поминаа во Владата – се само козметички.

Новинарските организации заедно побараа Предлог-законот за медиуми да се повлече затоа што во праксата нема потреба од такво законско решение, а Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да се дополни и исправи во согласнот со бројните забелешки во домашната јавност и предлозите на меѓународните организации и институции.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, смета дека предложената медиумска регулатива, не е во духот на европските стандарди зашто не се вградени суштинските забелешки. Според него, спорна е ограничената независност на регулаторното тело – предложената Агенција за медиуми, во која, и покрај зголемувањето на учеството на цивилниот сектор, сепак, мнозинството од членовите на Советот ги предлага политичката сфера – Собранието и Заедницата на единици на локалната самоуправа.

Според Селмани, уште посилно е политичко влијание врз номинацијата на членовите на Советот на јавниот сервис МРТВ, во кој од 13 членови, дури 10 предлагаат политички и јавни институции,

Синдикалниот лидер Тамара Чаусидис, во име на ССНМ, потенцира дека со надзорот врз Агенцијата ќе се оневозможи секој обид за создавање независен медиумски бизнис, а новинарите ќе бидат лиценцирани со условувањето да имаат договор за работа.

И ставот на Дејан Георгиевски е дека Законот за медиуми е непотребен и дека усогласување со директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги добиена од ЕУ, може да се постигне со амандмани на веќе постоечкиот закон за радиодифузија. Медиумската заедница смета дека наместо Закон за медиуми, Владата треба да подготви законско решение за своите кампањи и за донациите на медиумите за време на изборната кампања на политичките партии. ЗНМ, Синдикатот и другите здруженија порачаа и дека и понатаму ќе го следат процесот во Собранието и ќе ја алармираат јавноста за последиците од евентуално донесување на контроверзните закони.

Македонската асоцијација на новинари - МАН која ги обединува новинарите од медиумите блиски до актуелната власт, пак, му ги достави забелешките и сугестиите на законите за медиуми и за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. Оваа асоцијација е задоволна од прифаќањето на, според нејзините членови, „поголемиот дел од забелешките на новинарските асоцијации и здруженија“, а ресорниот министер на состанокот со претставници на МАН апелирал - новинарите да посветат внимание на системот за саморегулација, откако членот кој ја регулираше, по препорака на ОБСЕ, е избришан од предложеното законско решение.

Во контекст за зацрстување на статусот и положбата на македонските новинари и на „заштита на личниот, професионалниот и работничкиот интегритет на луѓето од медиумите“, новинарскиот синдикат и Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, вчера во Клубот на новинарите ја покренаа акцијата за создавање на Солидарен фонд за новинари. Пред стотина новинари од разни националности и од разни медиуми, како и активисти за човекови права, уметници и други, настапи бендот “Д Рипортерс”, составен од новинари и беше обеледеното распишувањето на конкурс за текст и музика за песни на теми поврзани со новинарските, медиумските и граѓанските слободи и права, солидарноста и еднаквоста меѓу луѓето. Најдобрите текстови и најдобрите песни ќе бидат искористени за издавање на ЦД „Слобода“ што ќе го издаде ССНМ - во рамките на проектот „Солидарност за слобода“ - а чии изведувачи ќе бидат членовите на „Д Рипортерс“. Собраните средства од оваа акција ќе одат во Солидарниот новинарски фонд, како една од формите за, како што велат, заживување на природниот сојуз меѓу граѓаните и новинарите, во одбрана на заедничкиот, јавен и општествен интерес.
XS
SM
MD
LG