Линкови за пристапност

Најава за голема офанзива на Мосул


Претставник на Централната команда на САД вели дека главни носители ќе бидат ирачките и курдските воени сили

Официјален претставник на американската Централна команда, вели дека ирачките и курдски воени сили се подготвуваат повторно да го заземат Мосул од борците на Исламската држава, најверојатно во април или мај.

Официјалното лице кое побара да остане анонимно, изјави дека силите ќе бројат од 20 до 25 илјади војници, додека Мосул во моментов е под контрола на околу 2.000 борци на Исламската држава.

Истиот извор додаде дека доколку ирачките сили не се подготвени во тоа време, коалицијата може да реши да ја одложи акцијата за подоцна во годината. Радикалната исламистичка организација го зазема градот минатиот јуни.

Во нападите се очекува да учествуваат пет бригади на ирачката армија, заедно со три помали бригади од резервниот состав. Официјалното лице на Централната команда додаде дека три бригади од Пешмерга ќе помогнат во напорите за справување со борците од север и западно од градот, а ќе учествуваат и таканаречените „Воени сили на Мосул“, составени главно од поранешни припадници на полицијата на овој град.

Истиот извор уште вели дека САД се` уште не донеле одлука за тоа дали мал број на американски армиски советници ќе бидат потребни во близина на Мосул, за да ја координираат воздушната поддршка.

Американскиот претставик кажа и дека Исламската држава воено „слабее“. Тој изјави дека ирачките и курдски сили презеле околу 700-800 километри квадратни од рацете на милитантите на Исламската држава, додавајќи дека способноста на организацијата да владее, е исто така мошне ограничена.

Според извор од Пентагон, заклучно со 17-ти февруари, коалицијата извршила 2.477 воздушни напади врз цели на Исламската држава.

Четири земји понудиле локации за обука на сириските бунтовници – да ги научат техниките за борба против заканата што ја претставува Исламската држава. САД и Турција во четвртокот потпишаа технички договор за објект за обука на турска територија.

Претставникот на Централната команда истакна дека центар за обука во Јордан е подготвен за употреба, додека за друг, во Саудиска Арабија, ќе бидат потребни меѓу 30 и 90 дена. Меѓу земјите коишто понудиле помош за акцијата е и Катар.

Американските сили ги обучуваат Ирачаните на пет места за тренинг во Ирак и досега програмата ја завршиле околу 2.000 лица, а во моментов се обучуваат уште 3.200.

XS
SM
MD
LG