Линкови за пристапност

Преговори и по истекот на рокот


Видео-брифинг: претседателот Обама во разговор со државниот секретар Кери за најновите моменти од преговорите за иранската нуклеарна програма
Видео-брифинг: претседателот Обама во разговор со државниот секретар Кери за најновите моменти од преговорите за иранската нуклеарна програма

Иран и групата шест светски сили и денес на средба во Лозана за нуклеарната програма на официјален Техеран

Претставници на Иран и на групата шест светски сили денес во Швајцарија продолжија да работат на надминување на разликите, во обид конечно да постигнат договор за ограничување на иранската нуклеарна програма, во замена за кревање на санкциите.

Преговарачите го пробија самопоставениот рок - 31-ви март, но се согласија да продолжат да разговараат. На средбата во Лозана учествуваат иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф и неговите колеги од САД, Британија и Германија. Отсутни беа министрите на Франција, Русија и Кина, но сепак учествуваат виши претставници од овие земји.

Американската преговарачка делегација, на чие чело е државниот секретар Џон Кери, синоќа преку видео-врска го информирала претседателот Барак Обама за најновите моменти од преговорите. Портпаролката на Стејт департментот Мари Харф вчера соопшти дека иако имало доволно напредок за преговорите да продолжат, „остануваат неколку тешки прашања“.

Главниот ирански преговарач Абас Аракчи за иранската државна телевизија изјави дека неговата делегација инсистира да постои нацрт за кревање на сите санкции на ОН и западните земји пред Иран да даде согласност за спогодбата. Меѓу другите проблематични прашања се нуклеарните истражувања и развој.

Кина денес повика на компромис, порачувајќи им на сите во преговорите „да бидат подготвени да се сретнат на половина пат за да се постигне спогодба“.

Доколку биде постигната рамковна спогодба, допрва претстои работа, затоа што преговарачите во таа ситуација ќе треба да подготват детална, финална спогодба до 30-ти јуни.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху коментираше дека групата светски сили треба да инсистира на „подобра спогодба“ со Иран, како и дека таа прави отстапки коишто би го загрозиле Израел и мирот во светот.

Иран негира дека сака да создаде нуклеарно оружје и инсистира дека програмата е исклучиво за цивилни потреби.

XS
SM
MD
LG