Линкови за пристапност

Македонија среќна што не е дел од еврозоната во вакви услови


Македонија среќна што не е дел од еврозоната во вакви услови
Македонија среќна што не е дел од еврозоната во вакви услови

Интервју со поранешниот советник на македонската влада, Мартин О. Хатчинсон.

Мартин О. Хатчинсон е инвеститор со 25-годишно меѓународно искуство. Ја советувал македонската влада за враќање на заробените заштеди на 800.000 штедачи во банките на поранешна Југославија. Сега е колумнист во публикацијата Ројтерс брејкингвјуз. Автор е на книгата Големите конзервативци - студија за подемот, триумфот и падот на британскиот конзерватизам.

Македонија треба да биде благодарна што не е дел од еврозоната и што може да ја одржува својата економија конкурентна, вели Хатчинсон во Интернет-интервјуто за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Што значи грчката должничка криза за Европа?

Мартин Хатчинсон: Самата по себе, не премногу. Тоа е корекција на грешките направени во 1981-ва и 2002-ра, расчистување на метежот создаден со прекумерното субвенционирање на Грција, дозволувајќи нејзиниот животен стандард да биде целосно неконкурентен. Проблемот сега е што берзите ја проширија недовербата за платежната способност и на други земји во Европа. Тоа можеше да биде решено со враќање на драхмата, но сега е закана за целата Европска унија.

Глас на Америка: Како грчката должничка криза и кризата во еврозоната влијае врз земјите кои не се дел од неа, конкретно Македонија, која има блиски економски односи со Грција и Европа?

Мартин Хатчинсон: Македонија треба да биде благодарна што не е дел од еврозоната и што може да ја одржува својата економија конкурентна. Краткорочно, извозот во Грција ќе биде тешко погоден, а инвестициите од Грција ќе бидат намалени. Долгорочно, проблемот ќе биде тоа што проширувањето на Европската унија ќе биде успорено, а условите за зачленување построги.

Глас на Америка: Кои се чекорите што македонската влада треба да ги преземе за да го минимизира негативниот ефект врз економијата?

Мартин Хатчинсон: Не сум ја анализирал македонската економија директно веќе неколку години. Најважно е да се одржува меѓународното финансирање на македонските потреби, посебно во приватниот сектор. Владата мора да стори се` за да оствари буџетски вишок, затоа што мошне е реално да дојде до нагло натрупување на трошоци.

Глас на Америка: Пред 10 години го советувавте за економски прашања тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер Никола Груевски. Што беше најголемиот предизвик во тој период за македонската економија?

Мартин Хатчинсон: Мојата советодавна улога беше ограничена на едно-единствено прашање, а тоа беше враќањето на заштедите на македонските граѓани што беа одземени за време на распадот на поранешна Југославија. Во тоа време главен проблем беше довербата во системот и механизмите на домашното штедење. Речиси во сите земји, но посебно во земји како Македонија, кои се без поголем пазар на капитал, приватните заштеди се главниот извор на капитал за новите бизниси што создаваат нови работни места, а со тоа нивното задржување и одржување е приоритет број еден на секоја одговорна влада.

Глас на Америка: Дали мислите дека е постигнато доста во претходните 10 години за македонската економија?

Мартин Хатчинсон: Моето познавање е многу ограничено, но според економските податоци, напредокот навидум е доста значаен. Се надевам дека мојата тамошна работа на штедните влогови придонесе за тоа и искрено му честитам на премиерот Груевски.

Глас на Америка: Кои се предизвиците за македонската економија денес?

Мартин Хатчинсон: Неопходноста ефикасно да ја интегрира сопствената економија со Европската унија во целина, што ќе резултира во членство во Унијата кога тоа ќе биде возможно. Краткорочно, сите бизнис-контакти со земјите-членки на ЕУ освен Грција, вклучувајќи ги Бугарија и Романија, ќе го забрзаат развојот и ќе го помогнат за подигање на животниот стандард на Македонија на нивото на ЕУ.

Глас на Америка: Кога би советувале премиерот Груевски денес, што би му порачале?

Мартин Хатчинсон: Да создаде буџетски вишок и да направи се` што може да привлече капитал во приватните претпријатија во Македонија (вклучувајќи ги и неопходните правни и антикорупциски мерки). Ако парите завршуваат во приватниот сектор, ќе уследи брз напредок. Но, повторувам, јас бев во Скопје пред 11 години, и оттогаш само општо ја следам ситуацијата.

XS
SM
MD
LG