Линкови за пристапност

Меѓународно внимание за политичката криза во Македонија


Политичките субјекти да и` помогнат на земјата, наместо на некоја поединечна партија или личност, порача американскиот амбасадор Пол Волерс.

Групи на европратеници се во Македонија, или пак најавуваат посета. Најавена е и нова посета на комесарот Штефан Филе, а во Скопје денеска веќе дојде неговиот близок соработник Стефано Санино. Во Советот на Европа пак, се најавува расправа за состојбите во земјата.

Од друга страна, субјектите на политичката сцена, инволвирани во кризата, остануваат на своите цврсти позиции. Опозиционерите и денеска соопштија дека не отстапуваат од ставот дека не одат на локални избори во март доколку не се постигне договор за предвремени парламентарни избори.

На ова стаса одговор од премиерот.

„Сега тие бараат договор за предвремени избори. Сакам јавно да кажам, одлучно, децидно - нема договор за предвремени парламентарни избори. Секој со својата одговорност”, изјави Никола Груевски.

За време на посетата на Македонија, група пратеници од десничарската Европска народна партија од Европскиот парламент повикаа на дијалог меѓу власта и опозицијата.

„Тука сме за да го забрзаме процесот на почеток на преговори. Како што веќе истакна Европскиот парламент, прашањето за името не смее да биде пречка за да се започнат преговорите за членство. Она што е битно да го демонстрирате сега е внатрешно единство“, рече европратеникот Туне Келам. Поранешниот спикер на Европскиот парламент Јиржи Бузек, пак, ја повика опозицијата да се врати во Собранието.

Со став за кризата се огласи и амбасадорот на САД во Македонија.

„Сите инволвирани страни, како партиите, така и поединци, треба да донесат оценка што е во најдобар интерес за иднината на Република Македонија и да преземаат чекори за да и` помогнат на земјата, наместо на некоја поединечна партија или личност”, изјави Пол Волерс.

Во меѓувреме, стаса и најава од Советот на Европа, каде што група пратеници од различни политички провениенции побара расправа за состојбите во Македонија.

„Инцидентот кој се случи во Скопје на 24 декември 2012 година, за време на кој полицијата ги спречи 42 пратеници од опозицијата да имааат пристап во Парламентот за да гласаат, открива сериозни проблеми со демократијата воопшто и парламентарната демократија посебно во земјата“, стои во краткото образложение на подносителите кои доаѓаат од 17 држави-членки на Советот на Европа и од сите политички групи.

Во Скопје денеска допатува и блискиот соработник на комесарот Филе, генералниот директор за проширување при Европската комисија, Стафано Санино. Неговата посета не беше официјално најавена, а медиумите ја толкуваат како подготовка на теренот за најавената посета на Филе.

„Во наредиот период сите страни ќе бидат изложени на благ притисок за да се дојде до некаков домашен договор кој ќе ја ослободи Македонија од притисок. Ако не се дојде до решение, мислам дека Филе ќе ја откаже посетата”, изјави за НОВА Радмила Шеќеринска од СДСМ.

Според неа, не е добар знак што Македонија ја посетуваат повеќе странски делагации.

“Тие се тука за да видат што тоа се случува со земјата за која сите велеа дека е на прагот на преговори и се обидуваат да спасат што може да се спаси, но немаат илузии дека се тие оние кои можат да донесат решение” вели Шеќеринска.

Утре во Скопје доаѓа и првиот човек на Европскиот парламент за односи со Македонија. Британскиот европратеник Ричард Ховит ќе се сретне со сите страни инволвирани во кризата.
XS
SM
MD
LG