САД имаат многу вложено во македонското општество, пред се за унапредување на демократските процеси, вели Љупчо Ристовски, претседател на Интегра, нова политичка партија од пред шест месеци присутна на домашната политичка сцена.
Денеска на средби со американски конгресмени во Вашингон, Ристовски сака да потенцира дека сепак уште многу треба да се работи на демократските процеси, како дел од стратешкото партнерство на САД и Северна Македонија.
„Ние никогаш не постигнавме полна демократија во Македонија иако американската држава има вложено повеќе од милијарда и 250 милиони долари во форма на грантови во македонското општество, меѓу кои доминантно за развој на демократијата. Америка е моќна, но исто така е и силен пријател и поддржувач на Македонија и затоа проценивме дека тука треба да ни биде почетокот на нашиот пат на овие меѓународни пријателства“, вели Ристовски за Гласот на Америка на македонски.
Тој посочува дека во Вашингтон дошле за пред американските пријатели на земјата да ги изложат своите анализи на актуелниот политички момент и да предложат решенија.
„Американските партнери ќе ги убедиме дека во Македонија мора да се отвори простор за нови политички визии, за нови ликови во политиката, за морално доблесни ликови и нови вредности.“
За да се оствари тоа сметаат дека е потребен нов изборен модел со една изборна единица, решителна борба со корупцијата и независно судство.
„Ако Македонија не расчисти со високиот политички криминал од претходното режимско раководство 11 години, па дури и со криминалната приватизација од 94 до 98 година каде што СДСМ беше идеолог и извршител ми се чини дека Македонското општество ќе оди на патерица. Ние како општество мора да направиме исчекор. Да го ослободиме судството од менгемето во кое го стегаат овие две партии во сите изминати 30 години“, вели тој.
Што се однесува до евроатланските интеграции Ристовски вели дека процесот кон НАТО не е загрозен, но процесот на приближување кон ЕУ е сериозно загрозен, најмногу поради ставот на Франција. Смета дека ваквата состојба ќе потрае барем додека не заврши Брегзит.
Facebook Forum