Во писмо до унгарскиот премиер Виктор Орбан, американската државна секретарка Хилари Клинтон наводно изразила загриженост за иднината на демократските институции во оваа поранешна комунистичка нација. Портпаролот одбил да ја потврди содржината на писмото, известуваат унгарските медиуми, но Клинтон на новинарите во Будимпешта, порано годинава им кажа дека клучните стандарди во државата мора да бидат зајакнати.
„Како пријатели на Унгарија, изразивме загриженост и посебно повик за вистинска определба за независност на судството, слободата на печатот и владината транспарентност“, кажа Клинтон.
Нејзините забелешки се однесуваа на обидите на централно-десничарската влада на премиерот Орбан да постави сојузници на раководни функции на речиси сите претходно независни национални институции.
Владата претставила строги закони за медиумите за кои критиката вели дека се со цел да се стави печатот под контрола, и неодамна ја намали моќта на уставниот суд и го преуреди судството со испраќање на клучните судии во пензија.
Постои загриженост дека идните генерации нема да можат да ја променат таа политика по новиот контроверзен устав што влегува во сила на 1-ви јануари.
Ова го поттикна европскиот Комесар за правосудство Вивиен Рединг да изрази загриженост пред унгарската влада, вели портпаролот Метју Њуман.
Како дополнение на тоа Хозе Мануел Баросо, шефот на извршната гранка на Европската унија, Европската комисија, изрази загриженост во писмо до премиерот во врска со два закони, меѓу кои и оној за кој некои мислат дека е закана за независноста на унгарската Централна банка.
Експертите сметаат дека Унгарија станува се` поизолирана, а од тоа произлегува загриженоста за поголеми политички и социјални тензии во државата, која се приклучи на ЕУ во 2004-та меѓу десетте други главно поранешни комунистички држави.