Линкови за пристапност

Сенатски распит за ситуацијата на Западниот Балкан


Helsinki Commission
Helsinki Commission

Хојт Ји, Тања Фајон и Курт Вокер говореа пред Американската Хелсиншка комисија.

Иако посветен на Балканот, говорниците на распитот што го одржа Американската Хелсиншка комисија, излагањата ги започнаа за ургентната ситуација во Украина, потенцирајќи дека случувањата се огромен предизвик за слободата, демократијата и безбедноста во Европа, невиден од Студената војна - наваму.

И на Западниот Балкан, исто како и во Украина, таканаречените темни елементи го зазедоа вакуумот и ризикот за неуспех е реален, и покрај досега постигнатиот напредок, смета Курт Вокер, извршен директор на Институтот Мекејн за меѓународно лидерство. За него нема дилеми дека проширувањето на НАТО е од клучно значење за стабилноста во регионот, а напредокот во односите меѓу Белград и Приштина ги оквалификува како главна светла точка изминативе неколку години.

Заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Ји го издвои ангажманот и помошта на САД во регионот во висина од 315 милиони долари изминативе две години.

„Преку 20 години САД се главен поддржувач на аспирациите на земјите од Западниот Балкан за евроатлантска интеграција“, истакна Ји.

Оттука, и интеграцијата на Македонија. Тој кажа дека ова и натаму е од витално значење за траен мир и стабилност во регионот. Сепак, проблемот со името, вели Ји, е пречка да се оствари таа цел. Тој беше дециден дека и Македонија, и Грција треба да ги мотивира желбата да се најде решение што ќе обезбеди демократски развој на целиот балкански регион.

По настанот, Вокер во изјавата за Гласот на Америка на македонски потенцираше дека е време да се изврши притисок за решение на спорот со името, но и за покана за Македонија да се приклучи кон НАТО. Тој истакна дека е срамно што прашањето за името претставува пречка за напредок како за Македонија, така и за регионот.

„Сметам дека актуелниот ќор-сокак не е од ничиј интерес: ниту за Македонија, ниту за Грција, ниту за албанското население во Македонија, ниту за кој и да е` на Балканот. Сите на Балканот би имале корист доколку Македонија е на патот кон ЕУ и НАТО. Ќе помогне за поголем напредок и безбедност, ќе го олесни пристапот кон земјите. Остварливо е. Потребно е страните да донесат решение. Од контактите со претставници од двете земји, сметам дека има основа процесот да се доведе до крај“, рече поранешниот американски амбасадор во НАТО.

Вокер на распитот рече и дека САД и ЕУ треба да имаат активна улога да се постигне согласност, притоа обезбедувајќи ја потребната поддршка и гаранции. Токму врз таа основа, рече тој, потребно е на Македонија да и` се упати покана за членство во НАТО уште оваа година, на Самитот во Англија.

За состојбата со медумите во Македонија, особено пред престојните избори, Вокер за Гласот на Америка коментира:

„Сведоци сме на предизвици по ова прашање во Македонија и во други земји во регионот. Се надеваме дека независните медиуми се приоритет за секоја политичка партија во Македонија, вклучувајќи ја и владата, со гаранции дека тие ќе бидат заштитени“.

Тања Фајон од Словенија, членка на Европскиот парламент, коментира дека за успешен крај на „тангото“ наречено спор околу името, се потребни двајца.

„Искрено верувам и се надевам дека ќе се реши, но во моментов се чини дека нема доволна подготвеност кај страните да најдат нови иницијативи. Сметам дека за Македонија ќе биде од клучно значење да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а паралелно додека трае тој процес, да најде решение за името. Се надевам и дека Грција ќе ја искористи можноста додека е на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ, десет години по најголемото проширување на Унијата, да креира позитивна атмосфера да се реши ова прашање“, коментираше таа.

Двете страни, кажа Фајон, ќе мора да направат чекор напред да дојдат до решение, бидејќи е од особено значење за напредокот на земјата. Ќор-сокакот не е од ничија помош, а особено не е помош за граѓаните, изјави Фајон за Гласот на Америка на македонски.

Таа смета дека ситуацијата со медиумите во Македонија особено загрижува со фактот дека претстојат претседателски и парламентарни избори.

„Во Македонија во моментов не постои никакво почитување на слободата на печатот. Ова не е проблем само за Македонија, туку и пошироко. Мора да се гарантира безбедност во работата на новинарите, да нема напади врз нив, ниту пак политички или економски притисок. Ниту Владата, ниту бизнис-сферата немаат право да ја контролираат работата на медиумите“.
XS
SM
MD
LG