Имаат добри намери. Сакаат да ги заштитат своите деца, да им помогнат да добиваат најдобри оценки и да бидат успешни. Со денешната технологија, од Скајп до „паметни“ телефони, многу родители постојано ги контролираат нивните деца, им даваат инструкции и совети, постојано и од секаде.
Тоа се таканаречени „хеликоптер“ родители.
Бистри тинејџери кои никогаш не пораснале
Дали навистина таквите родители им помагаат на своите деца? Џули Лајкот-Хеимс вели, не. Во книгата „Како да одгледате дете во возрасен човек: Ослободување од замката на прекумерна родителска заштита и како да го подготвите своето дете за успех“, авторката и адвокат одблизу го разгледува овој стил на родителство и објаснува како да се спречи.
Лајкот-Хеимс имала директно искуство со овие таканаречени „хеликоптер“ родители за време на 10-годишното искуство како декан на Универзитетот „Станфорд“. „Студентите кои доаѓаа“, вели таа, „беа брилијантни и многу добро изгледаа на хартија. Во реалноста, многумина од нив не беа способни да се грижат за себе.
„Постојано им се обраќаа на своите родители за насоки, решавање на проблем, донесување одлука“, додава Лајкот-Хеимс. Честопати морала да ги потсетува родителите дека нивните деца се доволно возрасни да се грижат за себе.
Дали и вие сте едни од нив?
Една вечер Лајкот-Хеимс согледала дека можно е и таа да спаѓа во оваа група родители. Во тоа време, децата и` биле на осум и десетгодишна возраст. „ Додека вечеравме, почнав да го сечам месото во чинијата на моето десетгодишно дете. И токму тогаш сфатив дека претерувам. Тој има десет години и треба да знае како да го стори тоа. Моја работа е да го научам како да го прави тоа. А јас не сум го направила тоа, на пат сум да станам еден од тој вид на родители“. Започнала да развива вистинска емпатија за овој вид на родители и сфатила дека тие тоа го прават со најдобри намери.
Секој родител, вели таа, може да го испита сопствениот стил на родителство и да утврди дали се однесува презаштитнички кон своето дете или не.
Постојат три вида на прекумерно заштитничко родителство:
„Прекумерно заштитнички родители. Ова се луѓе кои мислат дека светот е страшен, небезбеден и непредвидлив и затоа јас морам да заштитам и да спречам“.
Вториот вид е премногу насочувачки родители. Ова е родител кој вели, „јас знам најдобро како да се стигне до успех и ти ќе постапиш како што јас ќе ти кажам. Ќе ги учиш овие теми, овие активности и ќе постигнеш висок успех.“
Третиот вид се „олеснувачи“. Тоа е родител кој сака да го олесни животот на своето дете, од будење на детето, следење на сите активности, грижа дека детето не заборавило нешто, до оние напорни разговори со наставниците околу помошта во пишувањето на домашната задача или можеби целосно пишување на домашната задача за детето.
Според авторката, терминот „хеликоптер родители“ за прв пат било употребен во доцните 60-ти години. Станал попопуларен во 90-те помеѓу „бејби бум“ генерацијата. Кога дошла следната генерација, мислела дека тоа е начинот на којшто треба да се одгледуваат своите деца. Но ова главно било случај кај богатите семејства.
„Ова се прави кога имаш вишок пари и време. ‘Хеликоптер’ родителството не се случува во заедниците со ниски примања“, нагласува Лајкот-Хеимс. „Родителите немаат време или можност за своевидно микроменаџирање на своите деца во секој момент.“
Краткорочна корист, долгорочна болка
Лајкот-Хеимс вели дека и покрај тоа што има краткорочна корист да се биде прекумерно заштитнички родител, постои и долгорочна цена.
„Ако сте на игралиште и стоите до децата додека се лулаат, ако паднат или се лизнат, таму сте да ги задржите по што нема да добијат модрица на коленото“, вели авторката. „Доколку им помагате со домашната задача, ќе добијат повисока оценка. Долгорочната цена е дека ако вашето дете не научи како да игра само на тоа игралиште, како да ги преземе соодветните ризици, што е лекција која се учи доколку неколкупати падне, тогаш детето не учи долгорочна лекција. Ако секогаш им помагате со домашната задача, она на што ги учите е дека детето не е способно да биде во четврто одделение, на пример, и вие сте тука да помогнете. Тие почнуваат да се чувствуваат помалку способни, стануваат зависни од нивните родители за својата работа на училиште. Тоа не ги подготвува да бидат упорни ученици коишто ќе бидат успешни во животот.“
Престанете со прекумерната родителска заштита
Што можат да направат родителите доколку сакаат да го прекинат циклусот на прекумерната родителска заштита во своите семејства?
„Треба да престанеме да употребуваме 'ние' кога мислиме на 'нашиот син или ќерка' “ инсистира Лајкот-Хеимс. „Многу често родителот ќе рече 'ние сме во фудбалски тим'. Не, вашиот син или ќерка се дел од тимот. Следно, треба да престанеме да бидеме во конфликт со сите возрасни луѓе кои се дел од животот на нашето дете. Не велам дека не треба да почитуваме авторитет, туку она што велам е дека треба да ги научиме нашите деца да се борат самите за себе. Трето, мора да престанеме со пишување на домашната задача на нашите деца. Четврто, мора да изградиме вештини, да ги научиме како да преминат улица, да готват, да запомнат да ги стават своите работи во нивниот ранец, што еден ден ќе биде и куфер.“
Таа нуди чекор по чекор пристап за воспитување на децата како да се грижат за себе.
„Прво, правите наместо нив. Потоа, го правите тоа заедно со нив, додека гласно им кажувате како одредена задача да ја извршат самите. Потоа, ги гледате како го прават тоа. Се повлекувате и им давате мали совети и насока, но, само ги гледате. И четвртиот чекор е, тие комплетно сами да ја завршат обврската.“
„Кога децата ги поседуваат сите потребни вештини за да се грижат сами за себе, тие ќе бидат подготвени за полнолетство“, вели Лајкот-Хеимс.