Линкови за пристапност

Гувернерот на Мериленд го повика Конгресот да изгласа средства за обнова на мостот во Балтимор


Паднатиот мост Френсис Скот Ки во Балтимор, Мериленд, фотографиран на 31 март 2024 година.
Паднатиот мост Френсис Скот Ки во Балтимор, Мериленд, фотографиран на 31 март 2024 година.

ВАШИНГТОН (Ројтерс) – Додека траат напорите за чистење на илјадници тони челик од урнатиот мост во пристаништето во Балтимор, гувернерот на Мериленд Вес Мур ги повика републиканците да соработуваат со демократите за да го одобрат федералното финансирање потребно за обнова на мостот.

Мостот Френсис Скот Ки во Балтимор се урна во вторникот рано наутро, при што загинаа шест работници, кога товарен брод речиси со големина на Ајфеловата кула изгубил струја и удрил во потпорен столб. Голем дел од распонот се урна во реката Патапско, блокирајќи го бродскиот канал на пристаништето Балтимор.

Администрацијата на Бајден во четвртокот издаде 60 милиони долари првична итна помош за да помогне во чистењето на остатоците од мостот и повторното отворање на пристаништето, кое е најголемо во САД за увоз и извоз на возила, фарми и опрема во секторот градежништво. Пристаништето е затворено од вторникот, оставајќи ги во неизвесност работните места на околу 15 000 луѓе кои зависат од неговото функционирање.

Федералните власти им кажаа на пратениците во Мериленд дека конечните трошоци за обновата на мостот би можеле да се искачат на најмалку 2 милијарди долари, објави „Roll Call“, цитирајќи извор запознаен со дискусиите.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека федералната влада ќе ги покрие трошоците, но тоа ќе зависи од усвојувањето на законодавството кое ги одобрува средствата и од Претставничкиот дом на републиканците и од Сенатот предводен од демократите.

Мур, кој е демократ, рече дека републиканците треба да бидат подготвени да го одобрат финансирањето не само за градот Балтимор, туку и за националната економија.

Причината за која ни е потребен мостот е луѓето да можат да се движат, а не затоа треба да се направи услуга на Мериленд“, изјави Мур за Си-Ен-Ен. „Треба да бидеме сигурни дека всушност се движиме брзо за повторно да ја поттикнеме американската економија, бидејќи пристаништето Балтимор е инструмент за поголем економски раст“.

На терен, огромен кран ги сече деловите од урнатиот мост за да ги подготви за отстранување, што официјалните лица рекоа дека тоа е првиот чекор од долгото и комплицирано чистење. Портпаролот на канцеларијата на гувернерот вчера изјави дека парче од мостот тешко 200 тони е отстрането и дека властите работат на утврдување на најдобрата стратегија за извлекување на бродот од урнатините.

Официјални лица вчера рекоа дека се подготвуваат да воспостават алтернативна рута за „комерцијално суштинските бродови“.

Координаторот капетан Дејвид О'Конел рече дека алтернативната „ќе го поддржи протокот на поморскиот сообраќај во Балтимор“

Остатоците и опасните временски услови им оневозможуваат на нуркачите да продолжат со потрагата по четирите преостанати тела на загинатите градежни работници, рече Мур.

Мур и другите официјални лица одбија да проценат временска рамка за повторното отворање на пристаништето и обнова на мостот.

XS
SM
MD
LG