Кормиларот на товарниот брод Дали, кој го урна мостот Френсис Скот Ки, неколку минути пред несреќата се огласил со радио за да побара помош од шлепер и пријавил губење на струја, соопштија федералните безбедносни власти.
Ова се информациите добиени по слушањето на снимките од „црната кутија“.
Дополнително, официјален претставник на Националниот одбор за безбедност на транспортот објави дека мостот, изграден во 1976 година, не користел посовремени архитектонски решенија вообичаени за поновите типови на такви градби - што ги направило последиците од ударот поголеми.
Засега се пронајдени телата на двајца од шесте работници кои паднаа во реката Патапско при уривањето на мостот.
Роланд Батлер, полковник во државната полиција на Мериленд, рече дека потрагата по преостанатите тела на работниците била прекината поради сè поопасните услови во хаварисаното пристаниште.
„Сликите од сонарот покажуваат дека потопените возила се попречени од делови од потонатиот мост - што им го отежнува пристапот“, рече Батлер.
Работниците кои беа прогласени за мртви ги санираа дупките на асфалтот на урнатиот мост.
Пред тоа, во вторникот, од Патапско беа спасени двајца работници - од кои едниот е пренесен во болница.
Се стравува дека несреќата може да има значителни економски последици.
Преку пристаништето Балтимор се транспортираат автомобили, земјоделски стоки, разни товари, како и стоки - како шеќер и јаглен. Американскиот секретар за транспорт Пит Бутиџиг изјави дека 8.000 работни места се директно поврзани со активностите на пристаништето, кои носат дневен приход од два милиони долари.
Сепак, експертите не веруваат дека затворањето на пристаништето Балтимор ќе предизвика голема криза во синџирот на снабдување во САД или - значително зголемување на цената на стоките.
Тие ги оправдуваат своите позиции со тврдењето дека другите пристаништа долж источниот брег на САД имаат капацитет да им служат на клиентите на кои ќе им биде одземена стоката од пристаништето Балтимор - додека не се изгради мостот Френсис Скот Ки.
Извор: Ројтерс