Линкови за пристапност

Писмото на Груевски до Самарас доби поддршка од домашната јавност


Во писмото се бара директна средба за решавање на спорот со името.

Писмото на премиерот Никола Груевски упатено до неговиот грчки колега наиде на поддршка кај домашната јавност.

Овој потег на премиерот доби позитивна оценка од опозиционата СДСМ.

„Премиерот потврдува дека не е на иста линија со ставот на претседателот Ѓорѓе Иванов што секако, на сите им е јасно, дека нема да доведе до компромис или изнаоѓање решение за овој горлив проблем за Република Македонија“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Поддршка за иницијативата стигна и од владеачката ДУИ.

„Искрено се надеваме дека ваквата иницијатива на Груевски ја покажува неговата подготвеност за поголем исчекор во преговорите“, велат од оваа партија.

„Тоа е потег кој има за цел уште еднаш да демонстрира подготвеност од страна на Република Македонија за решавање на спорот “, изјави Ермира Мехмети Деваја од ДУИ.

Позитивно иницијативата за средба со Самарас ја оцени и експертската јавност.

Сашо Клековски од невладината МЦМС смета дека со ова се демонстрира многу јасно волјата на македонската страна овој проблем да биде надминат што поскоро. Оваа иницијатива е резултат и на влијанието од договоорт постигнат меѓу Белград и Приштина кој овозможи брз исчекор на Косово и Србија во евроатланските интеграции, вели Клековски.

За професорот Димитар Мирчев ова ја става Атина во позиција да се изјасни отворено дали сака да се надмине спорот.

„Се надевам дека работите конечно ќе се придвижат. Досега од македонска страна имаше неколку иницијативи, вклучувајки ја и средбата во Загреб на претседателот Ѓорѓе Иванов со неговиот грчки колега Папуљас. Засега од Атина нема индикации, но ми се чини дека овој пат нема да можат да ја одбијат понудата без сериозни аргументи. Мислам дека и Унијата ќе застане зад ваквата состојба и ќе го поддржи предлогот и на Иванов и на Груевски“, изјави професорот Димитар Мирчев.

Професорот Денко Малевски смета дека писмото ќе има смисла ако претходно се демонстрира политичка волја за решавање на спорот во домашната јавност.
„Доколку премиерот е навистина определен да го решава проблемот со Грција веднаш треба да започне со создавање на атмосфера во домашната јавност која подразбира започнување на конструктивна дебата. За да започне една ваква дебата веднаш треба да се прекине со поделбите на патриоти и предавници, тоа на пример би бил јасен сигнал дека се сака решение за спорот“, вели Малевски.

Тој нагласува дека треба да се отворат консултации внатре и помеѓу партиските структури на власта, опозицијата и етнички албанските политички субјекти. Во вакви околности, смета Малевски, на површина ќе излезе она што е државен интерс кој е сега потиснат од партиските интерси.
Во изминатите години се одржаа повеќе директни средби на Груевски со тогашниот грчки премиер Папандреу. Овие средби не донесоа напредок во процесот, а познавачите оценија дека овие средби завршиле без успех затоа што недостасувала суштина во тие разговори.
XS
SM
MD
LG