Договорени се вкупно 11 мерки за градење на доверба во областа на образованието, културата, енергетиката, здравството, внатрешните работи и инфраструктурното поврзување меѓу владите на Македонија и Грција. Ова денеска во Скопје го потврдија министрите за наворешни работи Никола Попоски и Никос Коѕиас. Со традиционално ракување пред зградата на македонското Министерство за надворешни работи, шефот на грчката дипломатија беше пречекан од домаќинот Попоски. Ова е прва посета на еден грчки министер за надворешни работи на Македонија по повеќе од една деценија.
Според министерот Попоски, на листата на мерки не е решението на деценискиот спор околу името, но таа не е конечна и ќе се проширува, а 11-те точки се „добра стартна основа за дефинитивно подобрување на климата и зголемување на довербата во сите наши односи“.
„Нашиот најголем проблем е непостоењето доверба, особено на политичко ниво и тоа непостоење на доверба не може да ве доведе во ситуација да решавате толку тежок и сложен проблем кој задира во најдлабоките емоции на граѓаните и тука и таму, наш интерес е да имаме решение и да може да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Грција е членка на двете семејства и нам ни треба согласност од сите земји - членки на НАТО и на ЕУ за да можеме да пристапиме кон нив. И од билатерален аспект, поради потенцијалот и интересите што ги имаме, и од меѓународен аспект, да бидеме дел од НАТО треба да работиме на ова. Но, првиот чекор е довербата и мора да го смениме тоа“, рече Попоски на прес-конференцијата по средбата.
(11-те мерки за градење на доверба се) добра стартна основа за дефинитивно подобрување на климата и зголемување на довербата во сите наши односи.Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија
И за Коѕиас, мерките ќе придонесат за стабилизирање на создавањето на врски меѓу двете соседни земји и двата пријателски народа и за градење на взаемната доверба.
„Сакаме вашата земја да ја видиме да оди по европскиот пат уште побрзо. Правиме се` што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. За името, како и за секој проблем, постои решение. Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение“, рече Коѕиас.
Одговарајќи на новинарско прашање, каде гледа иредентизам во спорот за името Македонија, Коѕиас рече дека „секој има право на свој идентитет, но дека „е важен начинот на кој го изразуваме“.
Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение.Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција
„Еден многу добар наш дипломат ми кажа утрово дека во Египет има еден град кој се вика Александрија и не само што немаме проблеми, туку и се гордееме со тоа. Секој има право на свој идентитет, но начинот на кој го изразува не треба да создава впечаток дека се работи за некаква злоупотреба... Вие сте новинари и треба да истражите што е тоа што ја отежнува соработката меѓу двете земји. Многумина во оваа држава веруваат дека многу луѓе во Грција не сакаат да постои оваа држава, но јас ве уверувам дека многу сме благодарни што постои... Ние сме против екстремниот национализам“, истакна шефот на грчката дипломатија.
Во однос на проектот „Турски тек“, Попоски и Коѕиас потврдија дека обете земји се заинтересирани за него бидејќи имаат потреба од такво вмрежување, а енергетската поврзаност е ставена и во листата на мерки за доверба.
Во рамките на денеска договорените мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција е и соработка меѓу универзитети, институти и центри за истражување, организирање на бизнис-форуми, подобрување на енергетската и железничката поврзаност, воспоставување на точки на комуникација за размена на информациите за нелегалната миграција и борбата против организираниот криминал. Во однос на политичките критериуми, предложени се редовни политички консултации помеѓу двете министерства, нешто што, според Попоски, Македонија веќе го има со сите земји - членки на ЕУ, освен со Грција.
За листата мерки, за преговорите за спорот околу името со посредство на ОН и ЕУ/НАТО-интеграциите, Коѕиас денеска разговараше и со претседателот и со премиерот на Македонија, Ѓорге Иванов и Никола Груевски.