Линкови за пристапност

Политичка клима за решение


И Македонија и Грција се позитивно ангажирани за ставање крај на деценискиот спор во врска со името

Проценките на дипломатските кругови во земјава се дека политичката атмосфера и во Скопје и во Атина, како никогаш досега, укажува на тоа дека е можно 2018-тата да донесе решение за прашањето за името. Своите согледувања, изворите на Гласот на Америка, кои сакаат да останат анонимни, пред се` ги темелат на подготвеноста на властите и во двете земји отворено и суштински да влезат во процесот на разговори, но и во честите контакти.

Утре во работна посета на Атина ќе биде вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, што е втор состанок меѓу претставниците на двете земји за нецели 10 дена по новогодишната посета на Солун на премиерот Заев.

Предвидено е Османи да се сретне со врвот на грчката дипломатија - министерот Коѕијас и неговиот заменик Катругалос. Иако официјално не се прецизира дали на средбите ќе се отвори прашањето за името, несомнено е дека овој процес ќе биде дел од разговорите во Атина.

„Засега не разговараме за птенцијално решение, туку за мерки за градење доверба“, велат од владата.

„Се` додека нема ништо конкретно и специфично нема да лицитираме со потенцијални имиња. Не се разговара за потенцијално име. Се гради довербата меѓу двете влади, нов момент на пријателство“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на РМ.

И Атина смета дека 2018-та ќе биде важна година за спорот. Грчкиот премиер Ципрас во последното интервју за домашните медиуми вели дека е оптимист, но и дека очекува конкретни чекори од македонска страна без да прецизира какви.

Дека има сериозно раздвижување околу процесот за името зборува и новата рунда разговори под медијаторство на Метју Нимиц најавена за 19-ти месецов. Токму во тој период во Скопје ќе престојува и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој покрај средбите со државно-владиниот врв ќе има и обраќање во македонскиот парламент.

„Се упатува на тоа дека коцките во сложувалката се редат, но сепак прашањето е дали сликата ќе се комплетира“ – велат соговорниците на Гласот на Америка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG