Банките во Грција и денес се затворени, а земјата е на прагот да ја пропушти уплатата на ратата од 1,8 милијарди долари за долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во услови на неизвесна економска иднина на земјата, Министерството за финансии најави дека ќе отвори околу 1.000 банкарски експозитури, со цел пензионерите, од коишто поголем дел немаат картички за банкомати, да подигнат доволно пари за оваа недела.
Грците на 5-ти јули ќе се изјаснат на референдум за новопредложените европски мерки на штедење, на коишто се противи премиерот Алексис Ципрас. Тој синоќа кажа дека ќе го почитува исходот на референдумот, но предупреди дека неговата крајно левичарска влада нема да биде таа којашто би ги спровела новите реформи. Европските кредитори ги бараат реформите во замена за нови милијарди долари финансиска помош за Грција.
Додека Ципрас синоќа говореше на ТВ, во Атина се одржа протест против новите мерки. Растат шпекулациите дека Грција ќе ја пропушти уплатата на ратата за долгот кон ММФ. Тоа би отворило пат за евентуално излегување на Грција од Еврозоната.
Берзите ширум светот вчера забележаа пад додека банките во Грција останаа заклучени, а повлекувањето на пари од банкоматите беше ограничено на 60 евра по човек дневно. Берзата во Атина, исто како и банките, ќе биде затворена шест дена, се` до објавувањето на резултатот од референдумот.
Компанијата за финансиски услуги „Стандард енд Пурс“ доплнително го снижи кредитниот рејтинг на Грција во „безвреден“. Компанијата предвидува дека постои можност од 50% земјата да биде првата којашто ќе излезе од Еврозоната.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и британскиот премиер Дејвид Камерон синоќа предупредија дека изјаснувањето на референдумот против мерките на штедење би значело дека Грција сака политички развод од Европа.