Линкови за пристапност

Банките во Грција затворени, банкоматите – празни


Во Грција денес банките се затворени, а банкоматите – празни.

Беше предвидено исклучок да претставува исплатата на пензиите. Пензионерите уште од рано наутро во долги редици чекаа пред експозитурите, во надеж дека ќе можат да ја повлечат пензијата од банкоматите, но без успех. Министерството за финансии најави дека попладнево ќе соопшти како ќе биде извршена исплатата.

Грчката влада, во недостиг на пари во готово, и без натамошна финансиска инфузија од европските фондови, наложи банките и берзата да останат затворени во рок од шест дена. Премиерот Алексис Ципрас го најави ваквиот потег во телевизиско обраќање синоќа, неколку часа откако Европската централна банка соопшти дека нема да продолжи со итната кредитна програма со којашто грчките банки успеваа да останат отворени последниве неколку недели.

Викендот, разговорите меѓу грчките претставници и европските кредитори завршија без договор за продолжување на досегашната помош во пари за финансиски спас на Грција, во замена за реформи. Врз основа на тоа, аналитичарите предвидуваат дека Грција најверојатно не ќе може да ја исплати ратата од 1,8 милијарди долари којашто ја должи на Меѓународниот монетарен фонд.

Ципрас ги обвини европските кредитори за кризата којашто го доведува во опасност натамошното грчко учество во Евро-зоната.

Банките и берзата ќе останат затворени се` до 5 јули, кога Грците на референдум треба да одлучат дали да ги прифатат новите мерки на штедење коишто ги бараат европските кредитори.

Додека банките се затворени, Грците ќе имаат право да повлечат до 60 евра на ден и не ќе можат да префрлаат пари во сранство, освен без претходно добиена дозвола.

Во контекст на ситуацијата, македонските власти наложија банките да ги повлечат своите пари од грчките банки и го ограничија одливот на капитал од Македонија кон Грција.

XS
SM
MD
LG