Линкови за пристапност

Грамадни „сеништа“ на полноќ: Ратевските бамбурци ја продолжија вековната традиција


Ратевски бамбурци, пагански обичај во беровското село Ратево
Ратевски бамбурци, пагански обичај во беровското село Ратево

Речиси и да нема куќа во која некој не се преправа или не се преправал за овој ден. Ова е традиција што ние младите сакаме да ја продолжиме“, истакна 20-годишниот Марио, годинашен учесник во обичајот

Точно на полноќ во ноќта на Водици, млади мажи собрани во штали и стари и напуштени куќи ставаат на себе грамадни маски, рачно направени од природни животински кожи. Тоа се бамбурците од беровското село Ратево. После полноќ излегуваат од куќите и симболично, со запалени факли и со својот застрашувачки изглед, ги бркаат болестите од селото.

Тоа е дел од сценографијата и сценариото на паганскиот обичај во Ратево, за кој се претпоставува дека постои околу шест века, а кој се одржа и денеска во организација на здружението на граѓани „Ратевски бамбурци“.

„Според прераскажувањата, постои една легенда која вели дека пред околу шест века селото го зафатила чума, поради која голем број од жителите починале. Селаните решиле во ноќта, после Водици, да се маскираат во кожите од домашните животни. Неочекувано, според легендата, чумата после тоа исчезнала. Тоа се верувањата, а ние ја продолжуваме традицијата што ја почнале нашите предци“, вели Драган Аговски, претседател на здружението.

Како што ни објаснија учесниците во поворката, односно т.н. бамбурци, уникатноста на обичајот е што секој главен детал од маската е со природно потекло, односно од животински кожи.

Потребна е и една година за кожата да се исуши и да се користи за маската
Марио Гоцевски

„Потребни се неколку месеци, а некогаш и една година за кожата да се ветрее и исуши до степен во кој ќе може да се користи за маската. Пред да почне сушењето, кожите се посолуваат, а потоа се поставуваат што повисоко, каде ќе биде заштитена од вода, но и ќе има доволно ветер да се исуши“, ни објасни Марио Гоцевски, кој беше преправен во бамбурец.

Марио има 20 години и додаде дека новите генерации ја продолжуваат традицијата.

„Речиси и да нема куќа во која некој не се преправа или не се преправал за овој ден. Ова е традиција што ние младите сакаме да ја продолжиме“, истакна Марио.

Организирани преку здружението на граѓани, бамбурците од Ратево учествуваат и на карневали надвор од земјава. Сепак, тоа што им создава одредени тешкотии е немањето доволно средства за поширока меѓународна промоција на обичајот и нивната маска.

„Опстојуваме благодарение на донации од приватниот сектор од регионот, како и од средства од општината. Сепак, за патувања и поголеми промоции се потребни повеќе средства. Ние сепак продолжуваме со ентузијазам да го одржуваме обичајот и веруваме ќе успееме да му ја зголемиме популарноста“, вели Аговски, претседателот на здружението.

Во рамките на обичајот во последните неколку години во Ратево се организира и карневал со учество на пагански маски и од други села и градови од регионот.

XS
SM
MD
LG