Владата усвои етички кодекс за нејзините членови и носителите на јавни функции што таа ги именува. Објаснувањето е дека така ќе се обезбеди законско, чесно, транспарентно и одговорно работење на државните функционери со цел јакнење на интегритетот на институциите и на довербата на граѓаните.
„Преку овој Кодекс ќе можеме да ги детектираме сите девијации што некој ги предизвикувал и се во спротивност со намерите на Владата за одговорно и чесно однесување. Сите заедно треба да овозможиме одредбите од овој кодекс да функционираат и да добиеме конечно одговорна власт“, изјави Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.
Кодексот, кој се носи една недела по скандалозната изјава на премиерот, предвидува и санкции - три нивоа на реагирање. Прво е официјална критика, второ е политичка одговорност, односно барање за поднесување оставка на тој што не го почитува Кодексот, и третото е одговорност пред институциите. Поповски не беше до крај јасен дали овој Кодекс би го санкционирал настапот на Заев и употребата на несоодветни квалификации за новинарите и хомосексуалците.
„Сметам дека функционерите треба да се многу внимателни во комуникацијата со јавноста, но, исто така, политичарите и функционерите имаат право да посочат на девијација и на крајот да употребат термини кои сите граѓани ги употребуваат. Сметам дека во изјавите на премиерот нема ништо надвор од она што во секојдневната комуниакција граѓаните го употебуваат“, рече Поповски.
Клучен дел за овој Кодекс да функционира, според проценките на Владата, е придонес од граѓаните и алармирање за неодоговорно однесување на функционерите.
Facebook Forum