Линкови за пристапност

Годините се само бројка: Планинарката Мирјана на 74 години го освои Килиманџаро и не планира да застане


Сертификатот од Килиманџаро го потврдува успехот со кој Мирјана влезе во светската листа од неколкумина планинари и планинарки што на нејзина возраст се искачиле на врвот на Африка
Сертификатот од Килиманџаро го потврдува успехот со кој Мирјана влезе во светската листа од неколкумина планинари и планинарки што на нејзина возраст се искачиле на врвот на Африка

Историски подвиг во светски рамки постигна Мирјана Симоновска, 74-годишна жена од Делчево која неодамна го освои 5.895 метри високиот врв на планината Килиманџаро во Африка. Вели дека ѝ недостасува друштво за што почесто да оди по планини, кои ги искачува веќе 20 години.

Годините се само бројка. Така вели Мирјана Симоновска, единствената Македонка која на 74-годишна возраст го искачи Ухуру, највисокиот врв на планината Килиманџаро. Подвигот се случи на почетокот од март годинава.

Беше ли тешко, ја прашавме Мирјана.

„Да, многу тешко“, ни одговори.

Симоновска застана покрај македонското знаме на 5.895 метри надморска височина. Таа влезе во светската листа од само неколкумина планинари и планинарки што на таа возраст го освоиле највисокиот врв во Африка.

Само неколкумина во светот успеале во подвигот

„Таму ни соопштија дека во 2015 година една жена на таа возраст го искачила врвот, а после неа и еден маж на слично годиште, и сега јас“, вели Мирјана.

Не се премислив и не помислив да се вратам назад. Тоа воопшто не ми беше на памет
Мирјана Симоновска

Симоновска живее во Делчево. Откако се опорави од подвигот, со неа излеговме на прошетка низ Градскиот парк во Скопје, каде ни раскажа како изгледала експедицијата во Танзанија.

„Навечер во десет часот нè разбудија, вечеравме и во 23 часот тргнавме да искачуваме со челни лампи. Патот до горе траеше околу десет часа“, раскажува Мирјана.

Вели дека нејзиното искачување се следело со големо воодушевување.

„Кога продолжив да искачувам над 5.600 метри висина, помладите членови на експедицијата, кои веќе се симнуваа надолу, ме прегрнаа велејќи ми дека не им се верувало дека ќе го искачам врвот“, објаснува планинарката.

Мирјана Симоновска, 74-годишна планинарка која го освои Килиманџаро. Со неа разговаравме во Градскиот парк во Скопје
Мирјана Симоновска, 74-годишна планинарка која го освои Килиманџаро. Со неа разговаравме во Градскиот парк во Скопје

Категорична е дека во ниту еден момент не се двоумела, ниту се премислила да се врати назад.

Решителност до крај

„Главната мисла беше да се искачам на врвот. Не се премислив и не помислив да се вратам назад. Тоа воопшто не ми беше на памет“, вели Симоновска.

Немав никакви тренинзи. Едноставно, на среќа тргнав да се искачувам
Мирјана Симоновска

Додава дека во мигот кога се качила на врвот, останала без зборови.

„Од што бев пресреќна што се искачив, не знаев што повеќе да кажам. Многу бев возбудена“, вели Мирјана.

Сепак, спуштањето ѝ било многу потешко.

„Се лизга надолу, имаше песок, мораше со петата да се гази. Двајца од водичите ме држеа под рака и полека се симнувавме“, раскажува Симоновска.

На крајот од подвигот ѝ доделиле и сертификат, на кој стојат датумот, нејзиното име, презиме, како и возраста на којашто се искачила.

Сепак, Симоновска е скромна за подвигот и за сознанието дека е една од малкуте лица што на нејзина возраст се искачиле на Килиманџаро.

Немав никаво двоумење, ниту мисла да се откажам. Мирјана Симоновска, 74-годишна планинарка која го освои Килиманџаро
Немав никаво двоумење, ниту мисла да се откажам. Мирјана Симоновска, 74-годишна планинарка која го освои Килиманџаро

„Не знам. Не размислувам воопшто за тоа. Битно ми е дека ја исполнив желбата, да го освојам тој врв“, вели Сиомовска, која повеќе од 20 години е по планините со голем број искачени врвови над 2.000 метри надморска височина.

Сепак, последните две години многу ретко искачувала и немала можност да се подготвува активно за експедицијата на Килиманџаро.

„Немав никакви тренинзи. Едноставно, на среќа тргнав да се искачувам“, вели Симоновска.

Мирјана Симоновска, планинарка која на 74 години го искачи Килиманџаро (На врвот Ухуру, 5.895 метри надморска височина. Фото: Приватна архива)
Мирјана Симоновска, планинарка која на 74 години го искачи Килиманџаро (На врвот Ухуру, 5.895 метри надморска височина. Фото: Приватна архива)

Вложила сопствени 3.500 евра за експедицијата

Искачувањето ја чинело околу 3.500 евра и целиот пат и експедиција самата си го платила.

„Од општина Делчево ми одобрија само 250 евра за ова искачување и уште не се префрлени“, раскажува Мирјана.

Таа додава дека аспирациите за искачување високи врвови низ светот не се едноставни, зашто за сето тоа се потребни пари.

Годините се само бројка. Ако имате желба и волја, можете сè да исполните
Мирјана Симоновска

„Од никого не барам пари“, вели Симоновска.

Сака да оди на Монт Блан, но тоа чини околу 800 евра и неизвесно е дали ќе успее да ги собере за да се приклучи на експедицијата.

За семејството, пак, вели дека ѝ е голема поддршка.

„Првата поддршка доаѓа од сопругот, а потоа и од ќерките и до синот“, вели Симоновска.

Пораката на оваа искусна планинарка до младите и до секој поединец во општеството е да се оди почесто на планина.

Одете на планини, вели Мирјана Симоновска, која смета дека годините се само бројка. (Интервју во градскиот парк во Скопје)
Одете на планини, вели Мирјана Симоновска, која смета дека годините се само бројка. (Интервју во градскиот парк во Скопје)

„Имаме планини во близина, да се шетаат повеќе со децата. Не мора да планинарат. Доволно е да се прошетаат низ природата, имаме планини до кои може да се пристигне и со автомобил“, советува планинарката Мирјана.

Во однос на оправдувањата кај некои лица кои велат дека се стари за одење на планина, Мирјана категорично нагласува:

„Годините се само бројка. Ако имате желба и волја, можете сè да исполните. Секако, и пари, Без нив не можете да ги платите експедициите“, категорична е Мирјана.

Следни чекори што Симоновска сака да ги оствари се освојување на Монт Блан на Алпите, како и Олимп во Грција.

XS
SM
MD
LG