Линкови за пристапност

Кибернетските напади стануваат нормална појава


Големо истражување за кибернетската безбедност спроведено во 26 држави покажало дека најголем дел од испитаниците не веруваат дека нивните земји се подготвени да се справат со голем кибернетски инцидент

На кибернетските напади врз изборниот систем, јавната инфраструктура и националната безбедност сè повеќе се гледа како на нова нормална појава, покажува глобалното истражување за кибернетската безбедност.

Но, дури и во некои од најголемите светски економии, луѓето мислат дека нивните влади не се подготвени да се справат со овој проблем.

Истражувањето, во кое беа вклучени 27.000 луѓе во 26 земји покажа дека помалку од половината од испитаниците, односно 47 проценти, веруваат дека нивните земји се подготвени да се справат со голем кибернетски инцидент.

61 отсто од испитаниците рекле дека очекуваат кибернетски напади насочени кон изборниот систем во нивната земја.

Израел и Русија се рангирани како најбезбедни популации, откако повеќе од две третини од анкетираните во овие земји се изјасниле дека нивните влади се подготвени за голем кибернетски инцидент.

Испитаниците во трите субсахарски африкански земји опфатени со истражувањето - Кенија, Нигерија и Јужна Африка - генерално се оптимисти, а повеќе од половина од анкетираните сметаат дека нивните нации се подготвени да одговорат во случај на кибернетски инцидент.

Бразил и Аргентина се оценети како најмалку сигурни земји, при што само девет проценти од Аргентинците сметаат дека нивната влада би била подготвена за ваков предизвик.

Во клучните економии, како Германија и Јапонија, повеќе од половина од испитаниците изразиле загриженост дека нивните земји не можат да се справат со кибернетски напади.

Истражувањето покажа дека најмногу кибернетски напади се очекуваат во САД, каде што во 2006 година имало повеќе од 100 големи кибернетски инциденти.

Речиси 80 проценти од испитаниците од САД очекуваат штети врз јавната инфраструктура, нарушување на информациите за националната безбедност и упади во изборниот систем.

Повеќе од 60 отсто од републиканците сметаат дека САД се подготвени да се одбранат од кибернетски напади, наспроти само 47 отсто од демократите.

Сличен тренд има и во други земји. Во Русија, 75 отсто од оние кои го поддржуваат Владимир Путин се оптимисти дека земјата може да се справи со кибернетските закани, во споредба со 61 процент од оние кои не се поддржувачи на Путин.

Нивото на загриженост поради кибернетските закани зависи и од возраста. Истражувањето покажа дека постарите луѓе се позагрижени поради овој проблем.

Истражувањето беше спроведено преку интервјуа или преку телефонска анкета од 14 мај до 12 август, 2018 година.

Со истражувањето беа опфатени следните 26 држави: САД, Канада, Франција, Грција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска, Велика Британија, Русија, Австралија, Индонезија, Јапонија, Филипини, Јужна Кореја, Израел, Тунис, Кенија, Нигерија, Јужна Африка, Аргентина, Бразил и Мексико.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG