Линкови за пристапност

Фридом хаус: Пропагандата на социјалните медиуми функционира подобро од цензура


Најновиот извештај бележи опаѓање на слободата на интернетот во 33 од 65 држави, меѓу кои и во САД

Владите низ цел свет се` повеќе ги користат социјалните медиуми да влијаат врз избори и да ги контролираат нивните граѓани, користејќи ја технологијата за дигитален авторитаризам, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“ за слободата на интернетот.

Како резултат на ваквата ситуација, извештајот забележува дека ова е девета година по ред како има опаѓање на слободата на интернетот.

„Многу влади веруваат дека пропагандата на социјалните медиуми функционира подобро од цензурата“, вели Мајк Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Популистите во светот ги истражуваат човековата природа и компјутерските алгоритми да влијаат врз гласачите, наспроти правилата за слободни и фер избори, се вели во извештајот

Меѓу главните забелешки се наведуваат дека од јуни 2018 година, 33 од 65 држави забележале опаѓање на слободата на интернетот, најмногу во Судан и Казакстан, додека 16 држави бележат подобрување на ситуацијата, од кои Етиопија со најголем напредок.

Извештајот нотира напад врз слободата на изразување, односно во 47 од 65 држави имало апсење на корисници поради политички, социјален и верски говор.

Опаѓање на слободата на интернетот се забележува и во САД

„Американските закони и имиграционите агенции вршеле зголемен мониторинг на социјалните медиуми, а во некои случаи и врз заштитени активисти, како мирни демонстранти“, се наведува во извештајот.

Четврта година по ред, Кина се наведува како светски најголем цензор на слободата на интернетот, а дигиталните платформи се наведени како ново поле за демократска битка.

Според извештајот, во најмалку 40 од 65 држави, властите вовеле напредни мониторинг програми на социјалните медиуми за да ги следат корисниците.

Се` повеќе влади отвораат лажни профили за да вршат манипулација на социјалните медиуми, наведувајќи примери во 38 од 65 држави, каде политички лидери вработуваат лица за да вршат онлајн притисок врз политички опоненти.

Извештајот потенцира дека повеќе демократски влади го следат однесувањето на нивните граѓани онлајн, за да ги пресретнат заканите, а во некои слуачи и да ја замолчат опозицијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG