Стотици лица од целиот Балкан се дел од Исламската држава, а има податоци дека само од Македонија за ИСИС се борат повеќе од 150 лица.
„Фактот што има борци од Република Македонија на боиштата во кризните региони, што дел од нив се враќаат, што има легитимни истраги и што тие (борци) имаат поддржувачи, е сам по себе потенцијал за загрозување којшто треба внимателно и систематски да го следиме, да го анализираме, да го спречиме и да го сузбиваме“, вели Митко Чавков, директор на Бирото за јавна безбедност.
Професор по тероризам на факултетот по безбедност во Скопје, Злате Димовски, за Гласот на Америка на македонски вели дека Македонија треба да биде подготвена за појава на терористички акти. Според него, еден од факторите на ризик е минувањето на „бегалци“ низ земјата.
„Недозволеното количество на оружје во Македонија, по проценките на меѓународните фактори и кај нас, говори дека има доста оружје кое во изминатите периоди е пренесено и е оставено на одредени места. Тоа создава можност или база за извршување на терористички акти“, вели Димовски.
Тој додава дека покрај безбедносните структури, и лицата кои работат како приватно обезбедување треба да бидат обучувани за справување со вакви закани, како што е пракса во многу држави.
Со ова се согласува професорот по безбедност од Белград, Зоран Ќековиќ:
„Треба да имаме не само добро подготвени припадници на вооружените сили туку и припадници на приватното обезбедување кои ќе можат да ги проценуваат таквите закани, бидејќи државата со своите ресурси, војска и полиција не може само да се избори со тие закани“ вели Ќекович.
Самир Мирвиќ од Агенција за координација на полициски сили на БиХ предупредува дека во неговата држава расте бројот на граѓани кои учествуваат во војните на Блискиот исток.
„Доволен е еден мал инцидент за да дојде до дестабилизација. Мислам дека потенцијална опасност постои“, рече Мирвиќ.