Кралската женска носија од Монголија ја носеле наследничките на Џингис Кан, основачот на најголемата империја на светот – Монголската.
Кан пак историјата го вброила во најголемите светски освојувачи во рангот на Александар Македонски и Тамерлан.
Ја имав таа чест да соработувам со Атанас и Љупка Коларовски. Тој е светски познат кореограф кој одлично ги пренесува вештините на македонските танци. Така научив и македонски песни.Лорел Викторија Греј, студио „Патот на свилата“
Неодамна на традиционален фолклорен фестивал во Вашингтон публиката имаше ретка прилика да види дел од ова древно културно наследство преку настапот на танцовото студио „Патот на свилата“.
„Оваа носија е стара 600 години. Јас сум од Иран и за мене е многу важно што можам да ја презентирам азиската култура“, вели Села Фрутон, фолклористка.
Но, за овие фолклористи инспирација не е само Монголија, туку културата од цел свет. До нив стигнале и македонските песни и ора.
„Ја имав таа чест да соработувам со Атанас и Љупка Коларовски. Тој е светски познат кореограф кој одлично ги пренесува вештините на македонските танци. Така научив и македонски песни“, вели Лорел Викторија Греј, уметничка директорка на танцовото студио „Патот на свилата“
Таа пред камерата на Гласот на Америка на македонски ја интонираше мелодијата на песната „Македонско девојче“.
Лорел ни раскажа дека преку ДНК тест открила дека е потомок на индијанската принцеза Покахонтас која живеела на територијата на денешна Вирџинија.
Нејзино мото е, „да знаеме кои сме е добро, но треба да ги отвориме вратите за луѓето од цел свет.“ Таа ја сака Америка, вели, токму заради мултикултурализмот.
Преку древни танци кои прикажуваат ловење риби или берење овошје, уметници од Филипините покажуваат како изгледа секојдневниот живот во нивната земја.
„Танцот со кој настапивме е карактеристичен за Филипините. Сакаме да ја промовираме нашата култура, посебно тука во Вашингтон“, вели Денис Мајкл, уметник од Филипини.
„Овие танци се уникатни. До ден денес останале автентични, а ние сакаме да ја зачуваме традицијата“, вели Грејс Валеа, директорка на танцово студио кое ја негува филипинската култура.
Маските со лавови имаат заштитна улога во кинеската култура и традиција. „Лавовите се традиционални во Кина. Носат среќа и ги бркаат лошите духови. Најчесто можат да се видат на прославите на кинеска нова година, но и на родендени“, вели Волас Ли, од Кинескиот културен центар.
На фестивалот цртаа ликовни уметници. Ракотворци изработува оригами применувајќи традиционална јапонска вештина за правење уметнички фигури со виткање на хартија.
„Овие фигури според кинеската традиција носат мир. Правиме змејови. Децата уживаат во нив“, вели Суха Чен, ракотворка на оригами.
„Денеска цртав на различни теми. Бамбус, орхидеја, хризантема... Тие имаат посебна симболика,“- вели ликовниот уметник Бертран Мал.
Фестивалот беше прослава на древните традиции, но заедничкиот именител беше инклузивноста. Група млади Азијати овде најдоа простор за израз на своите модерни афинитети - на задоволство на посетителите.
Facebook Forum