Со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, синоќа во Битола заврши 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
„По изминувањето на сите седум фестивалски денови убеден сум дека сите знаете зошто еден е Манаки. И се надевам дека сега на сите им стана јасно дека на браќата Манаки не им требаат наводници во слоганот зошто суштината е во нивните бесмртни филмски дела и во бесмртните дела на авторите кои како гости ни доаѓаат секоја година на овој фестивал. Еден е Манаки. И една е Битола. И една е Битола која го заслужува овој фестивал. Од оваа година песната „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак“ доби уште едно убаво значење. Со поставувањето на ѕвездите на добитниците на нашата награда за животно дело, Широк сокак стана и сокак на славните, на филмот, сокак на најдобрите кинематографери“, рече пред присутните директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.
Кинематограферката Џудит Кауфман ја освои наградата од жирито Златна камера 300 за филмот „Наставничка канцеларија“ на германскиот режисер Илкер Чатек.
Наградата Сребрена камера 300 му беше доделена на кинематограферот Ранабир Дас за филмот „Се што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата. Кинематограферот Расмус Видебек ја доби наградата Бронзена камера 300 за филмот „Ветена земја“, за неговото мајсторско толкување на денешницата, а посебно признание во главната селекција му е доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“.
„Ова беше многу тешка одлука. Сите филмови беа со многу интересна фотографија поради што многу ни беше тешко да одлучиме. Откривме дека филмот „Наставничка просторија“ имаше многу добра кинематографска поддршка и одржуваше многу добра и конзистентна слика која ја маѓепснички ја прикажа драмата во сценариото“, рече претседателот на жирито Џон Сил.
Краткометражниот филм секогаш е голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Ненси Шрајбер претседателка на жирито и американска кинематограферка, Уна Менгес, британска кинематограферка и Ѓорѓи Клинчаров, македонски кинематографер, одлучија Мала камера 300 да се додели на Хелсио Алемао за филмот „Амарела“.
Истото жири одлучуваше и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“.
„Жирито за студентски филмови ја доделува оваа награда за извонредност на филмот „Ананси“. Овој софистициран филм е исклучително успешен со својата естетска и искрена приказна. Кинематографот покажува голема вештина, емпатија и чувствителност, без да наметне его“, стои во одлуката на жирито, а посебно признание доби Кинан Масарани за филмот „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“.
За документарниот филм секогаш е голем предизвик да открие непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Куршат Уресин e во состав – претседател на жирито, турски кинематографер Јани Петери Паси, фински кинематографер и Нурија Ролдос, шпанска кинематограферка.
Железна камера 300 жирито ја додели на Хатем Нечи за филмот „Најголемата лага“.
„Голема чест ми е да го наградам овој документарен филм. Режисерката покажа огромна храброст ставајќи се себеси и своето семејство во центарот на вниманието за да раскаже приказна и да ги излечи раните што ја мачат нејзината фамилија повеќе од четириесет години. Филмот мајсторски го комбинира реалниот свет со реконструираното минато, создавајќи длабока врска помеѓу минатите настани и нивните последици во денешницата. Жирито го цени талентираниот кинематограф и неговиот вечен поглед кон ликовите. Тој го збогатил документарниот расказ и го поддржал режисерот и приказната користејќи техники кои се многу поприсутни во играните филмови“, рече кинематограферката Нурија Ролдос.
Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.
„Овој победнички филм плени со своето веродостојно, но сепак возвишено визуелно раскажување, и иако неговиот свет можеби изгледа мрачен, авторите пронајдоа и убаво ги прикажаа позитивните моменти. Убавината на филмот доаѓа не само од неговата естетика, туку и од емпатичниот поглед кон ликовите и срцето на наративот. Режисерите никогаш не ги напуштаат своите ликови, ниту губат надеж, и поради тоа, голема благодарност му должиме на кинематографот, чие око за убавина во неочекувани моменти го прави филмот исклучителен.
Наградата за најдобра кинематографија во конкуренција за најдобар европски Ло-кап филм ја добива Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, велат во одлуката членовите на комисијата.
Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ и беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, автор на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член.
Во изминативе седум денови на фестивалот кој годинава го носи мотото „Еден е Манаки“ беа емитувани 67 филмови во повеќе натпреварувачки категории.
Facebook Forum