Со црвен тепих и во присуство на бројни политичари, културни работници, актери, филмски работници, кинематографери од земјава и од странство, во Битола беше отворен 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
„Оваа година наши учесници и гости на фестивалот се мајстори на филмската фотографија кои заедно имаат освоено 8 Оскари, 16 номинации за Оскар, 12 награди БАФТА и уште 19 номинации за истата награда, 11 награди од Американското друштво на кинематографери, 8 награди од Британското друштво на кинематографери, 6 награди на Канскиот филмски фестивал, 1 награда во Венеција, 3 награди во Берлин, 6 ЕМИ награди, 1 азиски Оскар....сите овие луѓе годинава ќе шетаат по улиците на Битола. Ќе шетаат по Широк сокак. Ете затоа еден е „Манаки“ и една е Битола, како голем центар на филмската уметност“, рече во своето обраќање директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.
Фестивалот годинава додели Златна камера 300 за животно дело на Јанаки Манаки, бидејќи досега вакво признание било доделено само на неговиот брат Милтон.
„Прв пат мојот татко ја прими наградата Златна камера 300 во името на неговиот татко, Милтон Манаки. Фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатен фестивал. Еден од малкуте фестивали кои ги слават кинематограферите. Голема чест, задоволство и благодарност од семејството кое ја прима оваа награда„, рече неговиот внук, Милтон, кој ја прими наградата.
Премиерот Христијан Мицкоски ја врачи наградата Златна камера 300 за животно дело на францускиот кинематографер, Бруно Делбонел.
„Кога Симеон ме повика, реков, нема шанса да дојдам, сеуште не сум се пензионирал. Им се восхитувам на досегашните добитници на ова признание, како Свен Никвист, Ед Лакман, Виторио Стораро, Питер Бижу, Џон Сил...тоа се луѓе од кои многу сум научил и многу им должам. Сега се обидувам да му го дадам на киното она што киното ми го даде мене“, рече францускиот кинематографер, Бруно Делбонел.
Наградата Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност и припадна на полската кинематограферка, Јоланта Дилевска.
Друштвото на филмските работници ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на филмскиот и телевизиски режисер, Димитар Грбевски.
Покровител на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова. На свеченото отворање на фестивалот, публиката имаше можност да го проследи филмот „Партенопе“, во режија на Паоло Сорентино, кинематографер Дариа Д’ Антонио.