За време на претседателската кампања и по изборите во САД лажните вести го преплавија Интернетот, а темата на кои вести може да им се верува а на кои не се најде и на насловните страници на традиционалните медиуми, меѓу кои Македонија се спомнуваше како извор на ваквото известување.
Професорката по политички науки од Универзитетот Џорџ Мејсон, Џенифер Виктор, верува дека за време на оваа изборна сезона биле прекршени многу правила: „Се наоѓаме во ситуација кога треба да се преиспитаат односите на јавноста и медиумите и што тоа значи за изборите и исходот од нив“, вели таа.
Таа не верува дека лажните вести можат да го нарушат демократскиот систем и дека тие биле пресудни Доналд Трамп да ја извојува победа:
„Американските политички институции се цврсти и изборниот процес не може лесно да биде компромитиран“, вели таа, но додава дека во земјите каде постои контрола на медиумскиот простор пласирањето на лажни вести може да биде сериозна закана за демократијата:
„Лажните вести им отежнуваат на граѓаните да дојдат до вистински информации за проблемите со кои се соочува државата, за кандидатите, и за последиците кои произлегуваат од изборот на лицето за кого ќе го дадат својот глас.“
Проблемот го почувствуваа и некои европски лидери.
На почетокот на нејзината изборна кампања, германската канцеларка Ангела Меркел предупреди на моќта на лажните вести на социјалните медиуми:
„Треба да бидеме внимателни и да не го потценуваме она што се случува на Интернет, тоа е дел од нашата реалност. Ние имаме правила во врска со слободата на изразувањето и новинарите имаат обврска да ја кажуваат вистината. Но, денеска многу луѓе читаат вести засновани на други правила. Вести кои не се контролирани.“
По критиката која следеше по изборите во САД, извршниот директор на Фејсбук Марк Зукенберг објави дека компанијата ќе преземе мерки за подобро откривање на лажните вести, но предупреди дека тоа нема да биде брз процес.
Има и друг проблем, вели Виктор. Какво било ограничувањето на лажните вести е во спротивност со фундаменталните вредности на американската демократија:
„Еден од можните одговори е ограничувања на лажните вести на Интернет, но тоа е во спротивност со првиот амандман и слободата на изразувањето на говорот, и слободата на медиумите.“
Таа додава дека e важно новинарите да имаат заштита да ги истражуваат изворите на лажните вести и да упатуваат вистински прашања кон политичарите.
Но тежиштето, како и при гласањето, паѓа врз одлуката на самите граѓани.