Линкови за пристапност

Над 3.000 прашања


Екстерното тестирање во Македонија: меѓу жалбите на родителите, стресот врз учениците, мислењата на стручњаците и ставот на Владата.

Како се вика литературна творба создадена од еден автор?

Наставникот/наставничката кој/а ми предава математика во училиште претставува:

Кој дел од растението баба Рада треба да го набере за да направи чај од камилица?

Каква е градбата на очите кај инсектите?

Како ќе се одрази големата разлика во имотната состојба врз животните стилови на поединците?

Како би му кажал на својот пријател да не доаѓа?

Ова се само дел од над 3.000 прашања што од почетокот на мај ги објави Државниот испитен центар на посебната Интернет-страница, на кои од 2-ри до 10-ти јуни ќе одговараат околу 190.000 македонски основци и средношколци во рамките на проектот Екстерно тестирање.

Според родителите со кои разговаравме, многу од прашањата се нелогични, со многу од нив нивните деца не се соочиле во наставните програми, за многу има и повеќе од еден одговор, а на некои одговор немаат ниту наставниците и професорите. Родителите тврдат и дека децата се под голем стрес, бидејќи наставниците се исплашени и целиот товар го префрлаат на децата со зачестени тестови. Немаше родител којшто во анкетата за овој текст го оправда екстерното тестирање. Напротив, сите, без исклучок, беа револтирани од проектот.

„Екстерното тестирање, наместо да биде направено за оценување на наставниците и професорите, ги оценува учениците, бидејќи тоа влијае врз успехот на крајот од говдината, врз просекот, од што зависи каде ќе го продолжат образованието. Наставниците, поради страв од санкции се принудени на децата да им ги намалуваат оценките и со тоа ги демотивираат да не бидат заинтересирани да остварат добри резултати. Така, наместо квалитетно образование, Македонија се вбројува во земјите со најслаб успех. На тестирањето има прашања кои децата не ги учеле воопшто, даден им е краток период во кој може да се подготвуваат. Се работи за деца, чии мозоци не можат да примат толку многу информации во толку кус период, бидејќи истовремено се подготвуваат за годишните тестови по наставните предмети“, вели Емилија, мајка на седмооделенец, којашто не го даде презимето.

Но, како екстерното тестирање, чија првична цел беше проверка на знаењето по предметите, елиминација на тнр. „подарени“ оценки и контролен механизам за успехот на наставникот, се претвори во огромен товар врз грбот на учениците, уште еден наспроти годишните тестови по наставните предмети? На ова прашање никој нема одговор. Немаат ниту наставниците и професорите, кои несе расположени јавно да проговорат на оваа тема. И за нив, ова е уште еден дополнителен, пред се` психолошки товар, бидејќи од годинава, екстерното тестирање за нив ќе значи или казна од 15% помала плата, или исто толкава награда, во зависност од тоа дали резултатите ќе ја потврдат оценката што тие ја дале.

Ова е реформа без преседан, смета поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

„Смислата беше постепено да се навикнуваат на оценување на целиот материјал. Апсолутно нема никаква смисла да бидат оптоварувани далеку повеќе“, вели тој.

Според Центарот за истражување и криеирање политики, погрешната примена на овој прокет, што инаку го има во други земји, во Македонија креира погрешни вредности, бидејќи на ваков начин, наставниците коишто применуваат лоша методологија и кај кои доминираат ниските оценки, на вака спроведеното тестирање ќе добијат потврда и за тоа ќе бидат наградени. Анализата на Центарот покажува дека „во голем број земји има закони со кои се забранува користење на резултатите од тестирањето за други цели, како, на пример тоа да има влијание врз просекот, и тие се пред се` за рангирање на училиштата“.

Од Младинскиот образовен форум, пак, сметаат дека овој океан од над 3.000 прашања што им е достапен на учениците и чии одговори можат да ги подготвуваат однапред, не го дава објективниот резултат. Оваа невладина организација лани собра 25.000 потписи на петицијата против екстерното тестирање, која не предизвика никаква реакција кај надлежните институции.

„За оваа Влада не е својствено да се повлекува од одредени проекти, дури и кога греши. Затоа, најдобро е да се најде некоја друга форма на тестирање ако тоа мора да се прави, со можеби тримесечни стандардизирани тестови, со што би им се олеснило и на учениците, а и државата, на некој начин, би си ја остварила својата цел. Инаку, вака поставен системот, ужасно големо оптоварување со апсурдни прашања, кои некогаш многу отскокнуваат од материјата што се учи или се несоодветно напишани и поставени“, вели Боби, татко на шестоодделенец, којшто не го даде презимето.

Владата, пак, смета дека екстерното тестирање е најдобар пристап, и покрај забелешките. Министерството за образование потврди дека изминативе две недели се стигнати илјадници приговори на неговата адреса. Најмногу забелешки имало за формулацијата и преводот на прашањата по англиски јазик, историја и математика. Министерот Спиро Ристовски вели дека од нив издвоиле 3.461 валидни забелешки, што биле коригирани.

„Направени се соодветни корекции, најмногу во делот на формулацијата на одредени прашања и во делот на преводот, посебно кај проблемските задачи по математика и прашањата по англиски јазик и историја“, изјави Ристовски.

Како добар пример во регионот за тоа како треба да се спроведува екстерното тестирање, стручњаците ја наведуваат Словенија, каде тоа не се прави секоја година и целта е да се утврди дали е добра наставната методологија и какви се достигнувањата на ниво на одредени предмети меѓу школите, па и меѓу државите. Некои од родителите, пак, ги кажуваат и своите искуства од Канада, каде на учениците им се одредуваат двата предмета по коишто ќе бидат тестирани, две недели од денот кога тоа ќе се спроведе, а не како во Македонија, три дена пред тестирањето.

За учениците, нема посреќен ден од крајот на учебната година. Но, годинава токму овие последни десетина дена, за 190.000 ученици и 18.000 наставници - се најтешкиот период.
XS
SM
MD
LG