Линкови за пристапност

„Евидентирајте се во амбасадите и конзулатите“ - МНР со повик до македонските државјани на Блискиот Исток


Прес-конференција на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во Скопје, Северна Македонија, на 14 април, 2024 година.
Прес-конференција на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во Скопје, Северна Македонија, на 14 април, 2024 година.

И покрај фактот дека состојбата на Блискиот Исток засега е стабилна, Министерството за надворешни работи апелира до македонските државјани да бидат во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот, да остават свои телефонски броеви и внимателно да ја следат ситуацијата. Официјално Скопје нема начин да ја утврди точната бројка на наши државјани во Израел и околните земји освен, како што рече шефот на дипломатијата Османи, тие самите да се пријават за да се знае колку се и каде се за, ако има потреба, да бидат евакуирани доколку есаклираат тензиите по ракетните напади на Иран врз Израел.

„Единствениот начин е тие да се пријават во нашите амабасади за да кажат дека се тука и да ги планираме ако ситуацијата излезе вон контрола. Иако состојбата сега е стабилизирана, им порачувам пријавете се во амбасадите, нека ве има во евиденција, дајте контакт, ако се влоши ситуацијата ќе знаеме како да ве контактираме. Би било побезбедно само да ја информираат надлежната амбасада дека се во таа земја“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Кризниот штаб формиран во МНР, според Османи, е оперативен, и по потреба контактира со македонските државјани – се проценува дека нивната бројката во Израел е околу педесетина. Засега само еден побарал да биде евакуиран по саботните ракетни напади.

„Во моментот состојбата е стабилизирана, училиштата во Израел работат. Воениот кабинет на Израел се уште не донел одлука дали ќе возврати, еве јас ќе ја искористам оваа прилика да апелирам да не донесе таква одлука зашто така спирлата на конфликти само ќе се влоши. Досега еден наш државјанин се пријавил во амбасадата и побарал да биде евакуиран, веднаш му е даден патен лист за да ја напушти земјата, а и една компанија побарала за 4 нивни вработени во Израел да ги имаме во предвид ако се влоши состојбата“, рече Османи.

Засега нема барања за евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат во Иран и во Јордан. На граѓаните, покрај амбасадата во Тел Авив, на располагање им се и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Ситуацијата ја следи и Советот на амбасадори кој соопшти дека „го поддржува МНР и активностите што ги презема за заштита и организација за враќање на македонските граѓани од кризните територии“.

XS
SM
MD
LG